Белата куќа ги повика членките на Светската трговска организација да поддржат откажување од интелектуалната сопственост кога се во прашање вакцините против Ковид-19.
Портпаролката на Белата куќа Керин Жан Пјер на редовниот брифинг со новинарите истакна дека е потребно секоја членка на СТО да го забрза и поддржи откажувањето од интелектуалната сопственост за вакцините. – Секоја компанија мора амбициозно и итно да го зголеми производството, потенцираше таа.
Пред една година Јужноафриканската република и Индија предложија привремено откажување од правата за интелектуална сопственост, но засега преговорите немаат напредок.
Поддржувачите на иницијатива, што опфаќа над 100 држави, тврдат дека тоа би помогнало во спасувањето животи со тоа што во земјите во развој би се произведувале вакцини против Ковид-19. Од друга страна, членките на Европската унија и неколку други земји, меѓу кои и Швајцарија се противат на предлогот. Германската канцеларка Ангела Меркел смета дека со суспензијата на патентите нема да се реши проблемот со недостигот на вакцини, туку со доделувањето лиценци може да се обезбеди квалитет на производите. Меркел е исто така убедена дека на земјите им треба „генијалност и иновативен потенцијал на компаниите”.
САД претходно беа против суспензијата на патентите, но во мај американскиот претседател Џо Бајден ја смени позицијата на неговата земја, но засега без никаков напреодк.
СТО планира на својата министерска конференција во Женева, која ќе се одржи од 30 ноември до 3 декември, да постигне договор за глобален одговор на пандемијата.