Сите земји кандидати или потенцијални кандидати од Западен Балкан очигледно минуваат низ период на внатрешни турбуленции интензивирани од пандемијата. Србија, како најголема од овие земји, заслужува посебно внимание во анализата на ситуацијата бидејќи своите внатрешни контроверзи и нерешени прашања од сопствената демократска транзиција често ги извезува во соседството и на тој начин го дестабилизира регионот, изјави за Вечерњи лист хрватскиот известувач за Западен Балкан Тонино Пицула.
Инаку, Пицула е меѓу осумте, од 705 европски парламентарци, потписници на писмото испратено до министерот за надворешни работи на ЕУ Жозеп Борел и високиот претставник во БиХ Кристијан Шмит, во кое се бара, како што велат, „конечно да реагираат и да го запрат Милорад Додик”. Како виновник за тензиите и лошата ситуација во Бих ја посочуваат Србија.
Во писмото објавено вчера, тие тврдат дека тензиите во БиХ растат и дека ги произведува пред се српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, „со блокирање на државните институции и постојана работа на отцепување со уривање на уставниот поредок на БиХ. .
Европските парламентарци тврдат дека ваквата политика на Република Српска „ќе ја загрози стабилноста на целиот Западен Балкан”, што, како што наведуваат, „може дури и да предизвика вооружени конфликти во некои области”.
Тврдат и дека на Балканот никогаш почесто не се споменувал зборот „војна”, а како виновник за тоа ја наведуваат Србија, која неодамна, како што велат, „на одреден начин му се заканувала на НАТО”.