Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со претседателот на Парламентот на Грција, Константинос Тасулас, на маргините на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите членки на Советот на Европа, којаднеска и утре се одржува во Атина.
„Џафери изрази задоволство што оваа прва средба со неговиот грчки колега се случува во Атина, во годината кога Република Грција ја прославува 200 годишнината од почетокот на борбата за независност и упати честитки до Тасулас за одличната организација на Конференцијата. Во однос на билатералната парламентарна соработка, тој го оцени постоењето на Групите за соработка во законодавните дома на двете земји како одлична основа за развој на блиска парламентарна соработка и изрази надеж дека наскоро, членовите на двете групи ќе остварат заедничка средба. Претседателот Џафери укажа дека, во грчкиот парламент сѐ уште не се донесени ратификациите со кои се унапредува соработката со Република Северна Македонија во повеќе области, вклучително и во делот на евроинтеграциите и побара нивна што поскора ратификација со цел да бидат ставени во функција“, соопштија од Собранието.
Тасулас изразил големо задоволство од оваа, како што ја нарече, долго очекувана прва средба на ниво на претседатели на Парламенти и истакна дека ова потврдува дека односите меѓу двете држави напредуваат.
„Се согласи дека Групите за соработка треба да ја воспостават и развиваат парламентарната соработка и конкретно, наместо нивното постоење да остане само на хартија и нагласи дека, грчкиот парламент ќе се потруди преку механизмите за соработка кои му се на располагање да му помогне на Собранието на Република Северна Македонија и во размена на искуства во процесот на евроинтеграција. Претседателот Тасулас ја поздрави храброста на двете држави за решавање на тешки прашања и истакна дека по прифаќањето на Договорот од Преспа, тој мора да се почитува и внимателно да се чува. Притоа, му оддаде почит на Претседателот Џафери за неговата лична посветеност и неговите напори за решавање на крупни и тешки прашања. Поздравувајќи го чекорот на државата кон членството во НАТО, Тасулас изрази уверување дека следниот чекор за Република Северна Македонија ќе биде членството во Европската унија и притоа ја повтори поддршката од Грција на процесот“, се наведува во соопштението.
Соговорниците размениле мислења за напорите кои како претседатели на парламенти ги прават со цел да се исполнат обврските и она што е договорено да биде спроведено во пракса. Ја потенцирале и меѓусебната доверба како резултат на што е и договорот и соработката меѓу двете страни за заштита на нашиот воздушен простор.
На крајот на средбата, Џафери упатил отворена покана до Тасулас да ја посети Македонија.