Претседателот на опозициската Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац денеска во Белград оцени дека меѓупартискиот дијалог без посредство на европратениците служи да се испрати порака до мнозинството гласачи дека актуелната власт самостојно носи одлуки, без предлози од преставниците на Европскиот парламент, јави дописникот на МИА од Белград.
– Тоа е продолжение на обраќањето на сите – и на гласачите што се проевропски ориентирани и на оние кои се антиевропски, а повеќето од неговите (гласачите на српскиот претседател Александар Вучиќ) се токму тоа, антиевропски и ја прифаќаат Европа како неопходно зло, изјави Лутовац за Бета.
Според него, тој втор дијалог е направен за „да се обесмисли дијалогот со европратениците”, како и „да се намали значењето на тој разговор”.
Претседателот на ДС оцени дека Вучиќ, од една страна, праќа порака до Брисел дека е проевропски настроен, додека „штом тие го свртат грбот, тој раскажува сосема некоја друга, антиевропска приказна”.
– И токму тоа е приказната, штом европратениците ќе го свртат грбот, тој прави паралелна приказна, без влијание на странците, како што велат, со јасна интонација дека присуството на странци е непожелно, рече Лутовац.
Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, по денешниот меѓупартиски дијалог со дел од опозицијата без присуство на европратениците изјави дека „постигнат е начелен договор за текстот на договорот за подобрување на изборните услови што учесниците би можеле да го потпишат следната недела”.