Македонските и бугарските историчари засега без нови решенија и препораки

Без усвоени решенија и препораки заврши 15. состанок  на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија, што се одржа вчера и завчера. Во меѓувреме, оставка од работата во Комисијата вчера поднесе професор Ванчо Ѓорѓиев поради како што тврди „обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата од страна на висок функционер на  Министерството за надворешни работи”, а тоа предизвика редица реакции на домашната политичка сцена.

Како што брифираа за МИА од македонската страна на Комисијата, неносењето решенија и препораки во работата на ова тело се должи на исклучивиот пристап на колегите од Софија и нивното инсистирање да се наметне нивното гледање за минатото.

– На првиот ден од дискусијата членовите на Комисијата разменија неколку предлог-идеи за препораки за учебниците по историја со кои би се подобрило историското образование во двете држави. Како и досега, предлозите од македонската страна беа засновани на современите разбирања за историското образование поддржани од УНЕСКО и Советот на Европа во кои се уважуваат различните погледи и толкувања на минатото. По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел–градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка, брифираа за МИА од македонскиот тим.

Во текот на вториот ден, според македонската страна на Комисијата, членовите на Комисијата дискутирале и за можноста личноста на Гоце Делчев да биде заеднички чествувана од двете држави.

-Како и во однос на прашањето за учебниците по историја, дискусијата за Гоце Делчев го покажува различниот пристап и разбирање на историјата и нејзината улога во двете држави, наведоа од македонскиот тим на Комисијата.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, копретседателот на бугарскиот дел на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија, професорот Ангел Димитров, пак, на брифинг за медиуми во бугарското Министерство за надворешни работи рекол дека станува се потешко да ги информира за работата на заедничката Комисија.

-До вчера напладне работите одеа добро во разговорите на заедничката историска Комисија, но, нешто се смени во последен момент, наведе Димитров.

Според него, неговите колеги од Северна Македонија не дозволиле идеја за постоење заедничка историја. Тој даде пример дека, како што рече, тие не сакаат заеднички да ги слават заедничките личности и дека не се воделе од нивните биографии”. Како пример ги наведе браќата Миладинови кои имаат годишнина во 2022 година. Според него, имало сличен пример со Гоце Делчев, кој исто така има јубилејна годишнина во 2022 година. Димитров додаде дека ќе биде тешко да се излезе од периодот на 10 и 11 век, за кој разговараат историчарите.

Според Димитров, „постои политички притисок врз неговите колеги од македонскиот дел од Комисијата, потсетувајќи дека претстои втор круг од локалните избори во земјата”.

Членот на Комисијата Ванчо Ѓорѓиев, како што пренесоа дел од медиуми, како причини за неговата оставка ги наведува и „двојното водство во македонскиот дел од Комисијата и отстапка од утврдените принципи за консензуално носење одлуки, измени во учебникот по историја без негова согласност, отстапка од зацртаните црвени линии од другите членови на Комисијата, а на штета на националните интереси”

Во реакција на неговата оставка македонскиот дел на Комисијата наведе дека со Ѓорѓиев изминатите три години заедно и посветено работеле и донеле добри решенија со кои, стои во реакцијата, сметаме дека помагаме во надминување на спорот помеѓу двете држави, зачувувајќи ги националните интереси на македонската држава, Македонците и другите етнички заедници и затоа сме крајно изненадени од тврдењата во неговото соопштение”.

-Истовремено, сакаме да потенцираме дека научните принципи во работата на Комисијата биле, се, и ќе останат непроменети и дека не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии. Исто така, вчерашните и денешните разменети предлог-идеи во ништо не отстапуваат или, пак, се разликуваат од досега разменетите предлози и пристапот кој е усогласен од сите членови на македонскиот дел од Комисијата од самиот нејзин почеток и кои во ништо не ги нарушува или, пак, се спротивни на македонскиот идентитет, национални интереси и спомнатите во соопштението на колегата Ѓорѓиев црвени линии усвоени во Собранието”, се наведува во реакцијата.

 

Треба да знаете
Последни објави