Авганистан се движи кон економски колапс што ризикува да ја доведе земјата во нова политичка криза, предупреди денеска шведскиот министер за меѓународна развојна соработка Пер Олсон Фрид.
– Загрижен сум што земјата е на работ на колапс и дека тој се движи побрзо отколку што мислевме, изјави Фрид во Дубаи, предупредувајќи дека економскиот пад може да создаде средина во која терористичките групи ќе напредуваат.
Европската унија, во која членува и Шведска, ја зголеми хуманитарната помош за Авганистан откако талибанците се вратија на власт, но ја прекина помошта за развој, мерка преземена од многу други земји и Светска банка.
Шведска се обидува да ги зајакне напорите за обезбедување основни услуги преку цивилни групи во Авганистан, истакна Фрид, но и да ги убеди другите земји дека е можно тоа да се направи без да се признаат новите талибански власти.