Не беше одамна кога Скопје беше претворено во град на кичот и невкусот, заборавивме ли на Коцекабана, заборавивме ли на милионите потрошени за палми и жални врби, заборавивме ли на насилството и поделбите, не смееме да заборавиме и не смееме да дозволиме грешките да ни се повторуваат, порача кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.
Тој нагласи дека сите длабоко во себе знаат дека од другата страна се истите луѓе кои го обезличија Скопје заради своите криминални планови.
Ајде да не дозволиме некој одново да почнува со експериментирање. Да не дозволиме да бидеме прелажани со неостварливи идеи. Ајде да не дозволиме да ни подметнат старо минато под превезот и лагата наречена нова иднина, наглси Шилегов и ги повика граѓаните на 31 октомври масовно да излезат и да гласаат.
Да ја преземеме одговорноста во свои раце. Да не дозволиме гневот да го надвладее разумот. Гневот го искажавте во првиот круг и со право, но сега е време да се договориме за доброто на Скопје. Ова се избори за наше Скопје да продолжи напред. Силно верувам дека нема да го предадеме на оние кои го уништија, која му ја земаа душата на градот и мирот на граѓаните, истакна Шилегов.
Скопје е срцето на Македонија. Да покажеме дека во овој град се гласа со разум, со срце и со љубов за него. Иднината на градот е во ваши раце на 31 октомври. Сега е време да гласаме за доброто на Скопје и за ништо друго, нагласи кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.