Од денеска на хрватските граѓани им е овозможено да патуваат во САД без виза, објави американската амбасада во Загреб.
Таа одлука на Електронскиот систем за овластување за патување (ЕСТА) се однесува на хрватските граѓани кои заминуваат во САД во туристички или деловен аранжман, не подолго од 90 дена, објави „Јутарњи лист”.
Членството на Хрватска во таканаречената програма за ослободување од визите (VWP) е важен чекор во натамошното зајакнување на економската и безбедносната соработка меѓу двете земји, соопшти Амбасадата.
За да може една земја да влезе во програмата за укинување на визите, таа мора да ги исполни критериумите во областа на борбата против тероризмот, спроведувањето на законот, имиграцијата, безбедноста на документите и управувањето со границите, се вели во соопштението.