Арапските земји, кои минатата година ги нормализираа односите со Израел, „направија грешка” и мора да ги поништат тие потези, изјави денеска иранскиот врховен лидер Али Хамнеи. Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Судан и Мароко соопштија дека ќе ги нормализираат односите со Израел во 2020 година, бидејќи Вашингтон, на чело со тогашниот американски претседател Доналд Трамп, ја стави арапско-израелската кохезија како надворешнополитички приоритет.
– За жал, некои влади направија големи грешки со нормализирањето на (нивните односи) со узурпирачкиот и угнетувачки ционистички режим, истакна Хамнеи, мислејќи на Израел.
– Ова е акт против исламското единство, тие мора да се вратат од тој пат и да ја поправат оваа голема грешка, додаде Хамнеи во својот говор по повод официјалната прослава во чест на раѓањето на пророкот Мухамед.
До минатата година Египет и Јордан беа единствените две арапски држави кои ги нормализираа односите со Израел.
– Ако се постигне единство на муслиманите, палестинското прашање дефинитивно ќе биде решено на најдобар начин, рече иранскиот врховен лидер.
Во мај, Хамнеи го опиша Израел како „терористичка база” и додаде дека тоа „не е држава”.