Институционалната поставеност и правната рамка на процесите за јавни набавки во Северна Македонија во голема мера се усогласени со законодавството на ЕУ, но земјата се уште е умерено подготвена во оваа сфера, како и во однос на внатрешната контрола и менаџерската отчетност на буџетските корисници на централно и локално ниво, се наведува во најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата во приближувањето кон ЕУ, во делот посветен на процесите на јавни набавки и финансиска контрола.
Според Еврокомисијата, иако е постигнат ограничен напредок со имплементацијата на подзаконските акти на Законот за јавни набавки, капацитетите на клучните институции треба дополнително да се зајакнат преку континуирана обука.
– Властите треба да спроведат поефикасни антикорупциски мерки во процесот на набавки. Стратегијата за развој на системот за јавни набавки се уште не е финализирана. Препораките од Извештајот за 2020 година не беа целосно имплементирани и се уште важат, се наведува во Извештајот.
Според Брисел, во текот на следната година земјата треба особено да се посвети на обезбедување ефикасна имплементација на правната рамка за јавни набавки, вклучително и на изработка и усвојување на закони за јавно-приватно партнерство и за концесии, како и подзаконски акти за е-пазарот.
Натаму се препорачува подобрување на координацијата меѓу клучните фактори во процесите на јавни набавки и зајакнување на нивните капацитети и независност за спроведување на принципите на транспарентност, конкурентност, еднаков третман и недискриминација, како и зајакнување на контролата врз постапките за јавни набавки преку ефикасно следење и пријавување нерегуларности, судири на интереси и измами.
Во извештајот се оценува дека продолжува праксата на „ставање на компании на црни листи” при процесот на јавни набавки, што не е во согласност со важечките правила на ЕУ, при што се посочува дека новиот Закон за стратешко партнерство за инфраструктурни проекти беше усвоен во Собранието и покрај критиките од страна на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).
– Бирото за јавни набавки (БЈН) треба да продолжи да го модернизира и подобрува системот за јавни набавки, со цел да се подобрат неговите перформанси и функционалност. Треба да се зајакнат неговите надлежности за мониторинг и контрола. Соработката помеѓу БЈН, Министерството за економија и Државната комисија за жалби по јавните набавки и натаму останува недоволна, се додава во Извештајот.
Еврокомисијата оценува дека треба да се обезбеди поефикасна размена на податоци и информации меѓу Комисијата за заштита на конкурентноста, Државниот завод за ревизија и ДКСК.
– Електронскиот систем за јавни набавки функционира ефикасно. Во тек е развој на платформа за е-пазар, е-каталози и понатамошно подобрување на системот за обработка на Државната комисија за жалби по јавните набавки. Годишните планови за јавни набавки редовно се објавуваат на платформата. Капацитетите на Министерството за економија, кои се занимаваат со концесии и јавно-приватно партнерство, остануваат ограничени. Регистрите за јавно-приватно партнерство и концесии се уште не се воспоставени, се додава во Извештајот.
Комисијата смета дека капацитетите за имплементација и спроведување на јавните набавки на централно и локално ниво не се воедначени и мора дополнително да зајакнат, особено со оглед на зголемената транспарентност и интегритет, но и дека при одлучувањето и натаму останува ограничена примената на економски најповолните критериуми.
– Треба да се организира континуирана обука за примената на овие критериуми. Употребата на електронска аукција е опционална, но често се користи, се посочува во документот.
Во Извештајот се нагласува дека Порталот за е-набавки беше надграден и е зголемена административната контрола од страна на Бирото за јавни набавки, а воведувањето на електронска архива овозможи чување на документацијата во оригинална електронска форма и преку модулот за е-поплаки се обезбеди електронска размена на податоци при жалбените постапки.
Еврокомисијата препорачува дополнително зајакнување на капацитетите за управување со процесите на јавни набавки, особено на локално ниво, со цел да се постигне покохерентен пристап во управувањето со процесот на набавки.
Во текстот се оценува дека регулаторните и институционалните механизми за интегритет и судир на интереси се уште се на недоволно ниво и не постои систем за проценка на ризик при процесот на јавни набавки, кој би обезбедувал навремена информација за можни коруптивни практики, за нерегуларности или за фалсификување на понудите.
– Улогата и капацитетите на Државниот завод за ревизија во спроведувањето на ревизиите на јавните набавки се подобрени, преку имплементација на новата програма за ревизија на јавни набавки, која обезбедува ажурирани насоки и методолошки алатки за ревизорите. Извршена е една ревизија на договор за итни јавни набавки поврзани со кризата со Ковид-19, се додава во документот.
Според Комисијата, законодавството за ефикасни правни лекови во голема мера е усогласено со правото на ЕУ, но капацитетите за имплементација од страна на Државниот завод за ревизија остануваат недоволни.
– Со оглед на значително зголемениот број на жалби во споредба со претходните години, се наметнува потреба од обезбедување дополнителен квалификуван кадар за навремена обработка на жалбите. Нема значителни број заостанати одлуки. Сепак, повеќето од жалбите пред се се однесуваат на правните и административните прашања, а не на нивната техничка суштина, се додава во Извештајот.
Според документот, постигнат е ограничен напредок во подобрувањето на системот за внатрешна контрола и менаџерска отчетност на буџетските корисници на централно и локално ниво, но функционалноста на Финансиската инспекција е на недоволно ниво.
Во Извештајот се посочува и дека независноста на Државниот завод за ревизија (ДЗР) се уште не е загарантирана со Уставот, а парламентарниот надзор врз управувањето со јавните фондови се уште е неефикасен.
– Во наредната година земјата треба особено да се насочи на усвојување и ефикасно спроведување на новиот закон и методолошки алатки за јавна внатрешна финансиска контрола, со цел да се обезбеди подобра транспарентност, менаџерска отчетност и одржливо управување со јавните фондови, се посочува во документот.
Според Еврокомисијата, потребно е и зајакнување на соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и Собранието, подобрување на парламентарната контрола врз имплементацијата на Буџетот и следењето на препораките на ДЗР и воспоставување и обезбедување ефикасно функционирање на мрежата за координација на активностите против измама и подобрување на превенцијата, управувањето и известувањето за воочените неправилности.
– Комитетот на јавна внатрешна финансиска контрола и Советот за управување со јавни финансии продолжија да вршат онлајн мониторинг на техничко и политичко ниво, се наведува во текстот.
Според Комисијата, потребно е да се обезбеди континуирана и систематска обука на експерти од секторот за јавни финансии преку формирањето на Академијата за јавни финансии, за која законот се уште не е донесен.
– Ефикасната имплементација на менаџерската отчетност останува предизвик за буџетските корисници на централно и локално ниво. Допрва треба да се обезбеди кохерентна примена на прирачникот за менаџерска одговорност заедно со засилено делегирање на овластувања од страна на раководното ниво во јавните субјекти. Правната рамка за внатрешна контрола е усогласена во голема мера со меѓународните стандарди, меѓутоа, нејзината имплементација треба дополнително да се зајакне. Во 2020 година продолжи процесот на усвојување стратегии за управување со ризик и регистри на ризици и на централно и на локално ниво. Сепак, нивното вклучување во главните процеси на финансиска контрола и управување останува недоволно, се наведува во Извештајот.
Комисијата нагласува дека допрва треба да се постигне ефикасно функционирање на финансиската инспекција и дека е потребна понатамошна хармонизација на правната основа, како и развој и имплементација на методолошки алатки, кои ќе обезбедат здрав финансиски менаџмент.
– Треба да се обезбеди и континуирана обука и зајакнување на капацитетите на финансиските службеници и инспектори. Во однос на практиката на внатрешна ревизија, беше развиен и усвоен нов прирачник и упатства. Во моментов се формирани 164 единици за внатрешна ревизија, од кои 91 на централно и 73 на локално ниво. Сепак, нивните капацитети за ефикасно спроведување на стандардите за внатрешна ревизија остануваат ограничени, се посочува во текстот, при што се додава дека е потребно воведување на национален систем за сертификација за внатрешни ревизори.
Комисијата оценува дека Законот на Државниот завод за ревизија во голема мера е усогласен со стандардите на Меѓународната организација на ревизорски институции, посочувајќи дека во тек е хармонизација на правната рамка со цел да се обезбеди подобра функционалност на надворешна ревизија во јавниот сектор, како и зголемена финансиска и оперативна независност на ДЗР.
– Во текот на 2020 година, ДЗР издаде 90 конечни ревизорски извештаи кои беа испратени до Собранието и објавени на веб-страницата на ДЗР. Процесот на ревизии беше извршен врз основа на насоките за обезбедување квалитет на ревизијата и годишната програма за обезбедување квалитет на ревизијата, која беше целосно имплементирана во 2020 година. Што се однесува до влијанието на ревизорската работа, препораките на ДЗР не се ефикасно имплементирани од страна на субјектите што биле предмет на ревизија. Соработката помеѓу ДЗР и Собранието е подобрена, меѓутоа парламентарната контрола за подготовка и имплементација на буџетот треба дополнително да се зајакне. Транспарентноста и отчетноста на управувањето со јавните фондови треба да се обезбедат врз основа на ефикасни механизми за мониторинг и од страна на извршната власт и од страна на Собранието, вклучително и преку следење на препораките за ревизија издадени од ДЗР, се додава во извештајот.
Според Еврокомисијата, националното законодавство за финансиска контрола во голема мерка е усогласено со Конвенцијата за заштита на финансиските интереси на ЕУ.
– Процесот на усогласување со Директивата на ЕУ 2017/1371 е започнат, а подготвени се и измени на Кривичниот законик, но тие допрва треба да бидат усвоени. Правната основа за воспоставување на институционалната рамка на системот за заштита на финансиските интереси на ЕУ е подготвена и се очекува да биде усвоена по донесувањето на Законот за буџети. Националната стратегија за борба против измами 2019-2022 и Акцискиот план се спроведуваат успешно, се оценува во документот.
Во Извештајот се наведува дека соработката на земјава со Европската комисија во сферата на справување со измами продолжи и во текот на 2020 година, при што властите пријавиле 16 случаи од кои 13 биле оценети како неправилности, а три како сомнителна измама.
Комисијата заклучува и дека националното законодавство за заштита на еврото од фалсификување на земјава е донекаде усогласено со регулативите на ЕУ, при што Народната банка постигнала напредок во спроведувањето на техничка анализа и откривање на фалсификувани пари, изработка на нови методолошки алатки, како и навремена размена на податоци со националните и меѓународните власти.
– Капацитетите на Министерството за внатрешни работи за спречување, откривање и истражување на кривични дела поврзани со фалсификување пари, остануваат ограничени. Се уште нема доволно координација меѓу клучните институции во системот. Не е воспоставен електронски систем за размена, обработка, анализа и известување на ваквите случаи. Во октомври 2020 година, Народната банка склучи договор за соработка со Европската централна банка во областа на заштита на банкнотите на евра од фалсификување. Земјата учествува и во програмата „Перикле 2020″ и во регионалната иницијатива „Балканска мрежа за заштита на еврото”, се посочува во Извештајот на Европската комисија.