Почина Благоја Дончев, претседател на управен одбор и генерален директор на АДИНГ

На 23.10.2021 почина Благоја Дончев, долгогодишниот Претседател на управен одбор и
генерален директор на АДИНГ. Компанијата изгуби пред се` човек, родител и еден од
најголемите визионери во нејзината историја.
Неговото лидерство, високата работна етика и вредностите кои ги вгради во темелите на
компанијата, денес се нераскинлив дел од нејзиниот код. Беше енергична личност, учител и
пример за многу генерации професионалци позади него, несебично споделувајќи ги техничките
знаења од областа, бизнис искуствата и вештините. Преку неговото мото дека „АДИНГ е и ќе
биде состојка на секоја градба”, изгради и постави здрави основи за понатаму, што гордо го
сметаше за еден од своите најголеми успеси.
Дополнително, неговата големина и значајна улога во македонската економија е што преку свој
личен пример и посветеност, успеа да го пренесе неговиот ентузијазам многу пошироко,
секогаш нагласувајќи дека и останатите македонски компании можат и мораат да создаваат
брендови кои ќе излезат вон нашите граници.
Неговите професионални почетоци се во АДИНГ, од 1980 година, минувајќи низ сите скалила на
компанијата, а на нејзино чело застанува во 2006 година. Смртта го затекна во неговиот четврти
континуиран мандат, во кој се бележат и најдобрите резултати во досегашното работење.
Роден е во Вељуса, Струмица, Р. Македонија во 1951 г., а дипломирал на Градежниот факултет
при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Добитник е на низа награди и признанија
од областите на бизнисот, менаџментот и општествено одговорните практики во земјава и
странство, од кои како последна е големата награда на Средна и Југоисточна европа „Креатори
на Столетието“ за животно дело во развојот на претприемништвото во Р. Македонија во 2019
година.
Погребот ќе се изврши во рамки на потесното семејство.

Треба да знаете
Последни објави