Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), имајќи ги во предвид есенските денови, кога обработката на земјоделските површини е во најголем замав и кога е актуелна бербата на грозјето, пченката, жетвата на оризот, апелира за внимателност до возачите на трактори и други мобилни машини.
Според нивните анализи, бројот на земјоделски возила (трактори, мотокултиватори и други мобилни машини кои учествуваат во сообраќајот) значително се зголемува и ова претставува дополнителна и сериозна опасност во патниот сообраќај.
Сообраќајните незгоди во кои што учествуваат земјоделски возила, укажуваат, најчесто завршуваат со загуба на животи, тешки телесни повреди и огромни материјални штети.
– Статистичките податоци покажуваат дека секоја година по неколку возачи на трактор и патници на трактор или приколка го губат животот во сообраќајни незгоди. Во првите шест месеци од 2020 година, еден возач на трактор го загубил животот, а во сообраќајна незгода се повредени 12 лица. Во летниот период од 2020 година, според неофицијални податоци на РСБСП, двајца возачи на трактор го загубиле животот, информираат од РСБСП.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, исто така, апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат совесни и да размислуваат за опасностите во сообраќајот.
– РСБСП посебно апелира до возачите на трактори и мотокултуиватори да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, да управуваат технички исправни возила и да бидат соодветно осветлени во ноќни услови и во услови на намалена видливост, велат од РСБСП.
Искуството од теренот и податоците од станиците за технички преглед на возила покажуваат дека голем број на возачи на трактори и работни машини не поседуваат соодветна возачка дозвола, како и дека голем број на трактори, мотокултиватори, приколки и други работни машини учествуваат во сообраќајот нерегистрирани, неосигурани, неосветлени и технички неисправни.
Во рамки на кампањата „Безбедно на трактор”, РСБСП во соработка со МВР, организира повеќе настани и активности и тоа: сообраќајни контроли, едукативни разговори и поуки со возачите на трактори и работни машини, дистрибуција на едукативни материјали, во прв ред, засилени активности за едукација на возачите на наведената категорија на возила, за потребата од поголема видливост на тракторите, приколките и другите работни машини во сообраќајот, дистрибуција на флуоресцентни налепници, триаголници и ротациони светла.