Повеќе од половина од кинеските компании што работат во Европа (62 проценти) веруваат дека за нив е влошена политичката клима и дека, меѓу другото, за тоа се виновни „медиумските дезинформации”, што е патот што го користи и Кинеската комунистичка партија да се дискредитира критиката, пренесува Еуроактив.
Во извештајот, кој за кинеската стопанска комора во ЕУ го подготви консултантската компанија „Роналд Бергер” се наведува дека „драстично” е намалена „леснотијата” на водење бизнис во ЕУ за кинеските компании. Анкетираните кинески компании се заложија за подобро деловно опкружување.
Според извештајот, „59 отсто од кинеските компании веруваат дека дезинформациите и неточните информации претставуваат закана за нивниот бизнис”.
На прашањето какви „дезинформации и неточни информации” ги загрижуваат компаниите, Бинг Ли, еден од авторите на извештајот, не одговори директно, туку рече дека станува збор за „прашања поврзани со синџирот на снабдување”.
Кога на кинеските компании им се постави прашањето за можните причини за негативно мислење за Кина во Европа, меѓу одговорите не се споменуваат потезите на кинеската влада. Наместо тоа, во извештајот се зборува за дезинформации во медиумите и „недостиг на меѓусебно разбирање и дијалог меѓу Кина и ЕУ”, пренесува Еуроактив.