Русите кои сакаат да аплицираат за иселеничка виза за Соединетите Американски Држави, сега мора да одат во амбасадата на САД во Полска, бидејќи таа услуга повеќе не е достапна во Русија, соопшти Стејт департментот.
– Исклучително ограничениот број на конзуларен персонал во Русија во моментов не ни дозволува да гарантираме рутински услуги како што се издавање визи или помагање на американските граѓани, рече портпаролот на Стејт департментот.
Амбасадата на САД во Москва ќе продолжи да издава само дипломатски или официјални визи. Ваквиот развој на настаните се должи на нерешените тензии меѓу САД и Русија и протерувањето на дипломатите од двете страни.
На потегот на САД реагираше портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Американските дипломати долго време го уништуваат системот на конзуларните услуги во Русија, претворајќи во пекол нешто што треба да биде рутинска, техничка процедура”, наведе Захарова на Телеграм.