Црвено грозје, со зрна големи колку топчињата за пинг-понг, како што пишува „Лукс лајф” (Lux life) – „полни со вкусни сокови кои пукаат во Вашата уста”, и кои можат да тежат до 20 грама, може да вреди и до 10.000 долари за килограм.
Освен што е така сочно, ова грозје има и високо ниво на шеќер и ниска киселост. Нешто како бонбони со помалку кисел вкус, но меки и сочни… Не е секогаш со иста цена, но пред извесно време, некои богати лица за ова грозје платија рекордни 10.000 долари за килограм, што значи дека еден грозд чинел околу 470 долари. За оваа сума можете да купите прстен од 18-каратно злато со дијаманти и рубини и плус да побарате да Ве хранат со грозје додека се замислувате во улогата на царот, според проценките на порталот.
Светот ова грозје го нарекува „Руби Роман” затоа што е „убаво како рубин и се чувствувате како римски император” додека го јадете грозјето.
Овој скапоцен плод потекнува од јапонската префектура Ишикава, а првпат во 2008 година беше претставено како врвно овошје. Вообичаено, компаниите го даваат како промотивен подарок, па затоа и е толку баран.
Покрај тоа, лозарите продаваат само одредена количина во определено време, со цел да ја задржат ексклузивноста, побарувачката и цената.