Обвинителството се’ уште не и одговорило на Антикорупциската комисија по иницијативите за кривична одговорност во однос на лицата кои учествувале во Деталниот урбанистички план за „Холидеј ин“.
Одговор се чека и за лицата од ДИК кои учествуале во тендерот за печатени материјали за гласање, информираше на прес-конференција, претседателката на Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска.
Антикорупциската комисија порача дека е потребно побрзо решавање на иницијативите, барањата и препораките.
Говорејќи за оценките на Европската комисија за ДКСК , Ивановска рече дека извештајот е директна потврда за оправданоста на активностите на Комисијата, но и дополнителен поттик во напорите да се задржи и зајакне интегритетот на институцијата и покрај обидите за нејзина дискредитација.
Во Извештајот се наведува дека ДКСК е особено проактивна во превенција на корупцијата и во отварање голем број предмети, вклучително на оние кои се однесуваат на високо ниво на службеници.