Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, во вечерашното гостување на ТВ Сител повтори дека доколку кандидатот на СДСМ во Скопје, актуелниот градоначалник Петре Шилегов, ја загуби битката против опозициската кандидатка Данела Арсовска, тој „не може да ја води Владата“, затоа што, според него, локалната власт во тој случај ќе прави опструкции на политиките на централно ниво. Но, Заев појасни дека тоа автоматски не значи дека ќе бидат распишани предвремени парламентарни избори.
На прашањето дали ова значи дека тој ќе поднесе оставка, а некој друг од СДСМ ќе ја преземе премиерската функција, Заев одговори:
„Секако, Влада предводена од СДСМ, со партнерите, плус зајакнато мнозинство, останува Влада предводена од СДСМ“.
Тој ги повтори и пораките дека значаен дел од населението им покажало „жолт картон“ и дека пораката е сфатена.
„Не сме победени од ВМРО-ДПМНЕ. Слободоумните граѓани велат дека ќе излезат да гласаат во вториот круг,“ изјави Заев.