Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја обвини Европската унија дека ѝ поставува барања на Варшава ставајќи ѝ пушка на глава, а во исто време го повика Брисел да ги повлече заканите за правни и финансиски санкции доколку сака да ја реши кризата со владеењето на правото во таа земја.
Говорејќи за „Фајненшл тајмс“, Моравјецки рече дека секој потег за намалување на кохезионите фондови ќе биде пречекан со силна одмазда.
„Сметаме дека ова е веќе дискриминаторски пристап и диктат од Брисел. Но, ако ова стане уште полошо, ќе треба да размислиме за нашата стратегија“, рече Моравјецки.
Тој исто така кажа дека минатонеделните разговори со лидерите на ЕУ, вклучително и германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, во кои тој го претставил главниот аргумент на Варшава дека ЕУ ги надминува своите законски надлежности, биле многу задоволителни.
Во обид да ги намали тензиите во долготрајниот спор, кој предизвика страв од излегување на Полска од ЕУ, Моравјецки вети дека ќе го распушти дисциплинскиот судски совет до крајот на годината, за кој Европскиот суд на правдата утврди дека е незаконски, пишува „Фајненшл тајмс“.
Сепак, полскиот премиер предупреди дека доколку Европската комисија започне, како што кажа, трета светска војна со скратување на ветените пари за Варшава, тој ќе ги брани правата на Полска со сето оружје што е на располагање.
Комисијата ѝ се закани на Полска со санкции откако највисокиот суд во земјата овој месец пресуди дека клучните елементи од правото на ЕУ се некомпатибилни со државниот устав.
Пресудата доведе до голема ескалација во правната битка околу промените во полскиот судски систем, кои, според владејачката Партија на правото и правдата на Моравјецки, се неопходни за зголемување на ефикасноста.
Официјален Брисел тврди дека ваквата пресуда ја загрозува независноста на судството и основните правни принципи на ЕУ, а некои членки на Унијата и делови од Комисијата веќе побараа усвојување на нов механизам за условување преку кој би можеле да бидат загрозени десетици милијарди евра од годишните средства на ЕУ неменети за Варшава.