Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во состав Абдула Салиу, шеф на Делегацијата во ПС на Франкофонијата и Бети Стаменкоска Трајкоска, член на Делегацијата, денеска и утре во Женева ќе учестуваат на работилница за зајакнување на улогата на пратениците во земјите членки на Меѓународната организација на Франкофонијата во процесот на Универзалниот периодичен преглед.
Како што се наведува во соопштението од Собранието, целта на одржување на работилницата е на парламентарците да им се овозможи да играат водечка улога во унапредување на човековите права, вклучително и во работата на Советот за човекови права и неговиот Универзален периодичен преглед одговорен за проценка на состојбата со човековите права во земјите членки на Обединетите нации, пред се заради нивните уставни привилегии. Се покажува дека 80 отсто од препораките на овој механизам на ОН бараат парламентарна интервенција.
Една од темите е пандемијата Ковид 19 која бараше многу држави да преземат итни мерки за заштита на здравјето на благосостојбата на населението. Главниот предизвик со кој се соочуваат државите е да реагираат ефикасно на оваа здравствена криза, истовремено осигурувајќи дека мерките што тие ги преземаат не ги нарушуваат човековите права и јавни слободи на граѓаните.