Наглиот пораст на инфекциите со птичји грип во Кина оваа година предизвика загриженост кај експертите.
Тие известуваат дека претходниот вид кој циркулирал во таа земја сега мутирал и е позаразен за луѓето.
Кина објави 21 случај на инфекција од подтипот на птичји грип „H5N6“ оваа година, во споредба со само пет минатата година, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
Иако бројот на заразени е многу помал во споредба со стотиците инфекции со вирусот „H7N9“ во 2017 година, новите случаи се сериозни и многу форми на болеста се потешки, а најмалку шест лица починале.
„Зголемувањето на бројот на заразени луѓе во Кина оваа година е загрижувачки. Станува збор за вирус кој предизвикува висока стапка на смртност“, вели Тис Куикен, професор по компаративна патологија на Универзитетот Еразмус во Ротердам.
Најголем дел од пациентите се заразиле во контакт со живина, а досега нема потврдени случаи на зараза од човек на човек. СЗО соопшти дека е потребна итна понатамошна истрага за да се разберат ризиците и причината за зголемениот број на заразени лица.