Прес конференција на кандидатот Оливер Илиевски во нас.Тоде Мендол
Денес, не случајно сме овде, во населбата Тоде Мендол. Како што веќе знаете, во нашата Програма „Најдоброто за Куманово“, предвидуваме изградба на две нови детски градинки, едната тука во населба Тоде Мендол и една во населба Перо Чичо.
Овие детски градинки ќе овозможат нов капацитет на прием на дечиња од предучилишна возраст и со нивната изградба значително ќе се намали листата на чекање за упис. По детално спроведени истражувања за тоа каде има најголема потреба од градинки, заклучивме дека токму овие две локации се приоритет, со што на нашите најмали ќе им обезбедиме правилен раст и развој со изградба на современи објекти на детски градинки согласно највисоките европски стандарди, изградени со енергетски ефикасни и еколошки прифатливи материјали. Финанисрањето на изградбата на овие објекти ќе се врши дел од општински средства, а дел од министерството за труд и социјална политика, како надлежно министерство.
Нашата цел е за четири години целосно да го решиме проблемот со недостиг на места во градинките и на најмалите да им обезбедиме соодветни услови за згрижување и социјализација. Секое дете заслужува место во градинка и растење со деца на своја воразст.
Оттука, од Тоде Мендол најавувам и микро програма за населбата, покрај макро програмата која важи за целата Општина, како уредување со Мој Еколог, гасификација на секое домаќинство, реконструирани улици.
Во оваа населба предвидуваме реконструкција на водоводната мрежа, реконструкција на патиштата и изградба на тротоари, изградба на мини парк, како и мини шеталиште покрај поток Серава, изградба на мултифункционално игралиште и многу зелени површини и хортикултурно уредени простори.
Предвидуваме и ново сообраќајно решение за овој дел од општината – продолжување на улица Тоде Мендол покрај автопат и изградба на приклучок од автопат за улица Поток Серава, улица Бајрам Шабани, улица Киро Антевски и останатите улици кои гравитираат кон нив.
Ова значи перспективно приклучување на село Романовце на истото и излез на автопат. Со ова придонесуваме кон олеснет сообраќаен метеж во населбата, а со тоа и во самото централно градско подрачје. Ова се барањата од страна на самите граѓани коишто живеат тука, барања коишто ги мапиравме во изминатата година и коишто се во корелација со нашето најдобро решение за сите граѓани.
Секоја населба заслужува своја приказна, ајде заедно да го раскажеме најдоброто за Куманово и кумановци, за чист и зелен град, за урбани населби поврзани меѓусебе со современа инфраструктура, решени проблеми на граѓаните и воспоставен европски начин на живот.
Благодарам.