Претседателот на БЕСА и кандидат за Тетово, Билал Касами е против ново владејачко мнозинство. Иако е убеден дека резултатот од локалните избори ќе има влијание на партиите, смета дека тоа треба да остане во локални рамки.
БЕСА, која е дел од владата, склучи договор со опозициската Алијанса, да се поддржат во општините каде противници им се кандидати на ДУИ. Генералниот секретар на партијата, Аријанит Хоџа, ги повика своите активисти да ги поддржат кандидатите на Алијанса, а Арбен Таравари го повика електоратот да им даде глас на Билал Касами во Тетово и на Блерим Сејдиу во Желино. Но, и од двете партии тврдат дека оваа соработка е ограничена само на локалните избори и не важи и за Собранието.
Од Алтернатива, пак, кои им се лути противници на БЕСА, а се во коалиција со Алијанса, сметаат дека не треба да се даде поддршка на ниту една партија која е во власта.Пратеникот од оваа партија, Зекирија Ибрахими, во телевизиска емисија рече дека, ако од БЕСА сакаат да добијат поддршка од нив, треба да излезат од владата. Ибраими најави и дека, по вториот круг, во понеделник ќе биде објавено ново владино мнозинство.