Страшниот инцидент што резултираше со смрт на камерман на филмски сет минатата недела остави прашања околу употребата на огнено оружје во забавната индустрија.
Актерот Алек Болдвин изјави дека неговото срце е скршено откако во четвртокот во Ново Мексико фатално ја застрела камерманката Халина Хачинс со пиштол-реквизит.
Кој е одговорен за безбедноста на оружјето на филмските сетови? Одговорноста за користење пиштоли и друго оружје лежи кај т.н оружар на секоја продукција.
Тие го обезбедуваат оружјето кога не се користи и ги поучуваат актерите за негова правилна и безбедна употреба. Тие исто така го полнат огненото оружје и го проверуваат пред и по секоја сцена.
Кои се правилата? Не постои дефинитивна листа прописи за употреба на огнено оружје во филмската индустрија.
Според новинската агенција „АП“, американската федерална агенција за безбедност на работното место не ја регулира безбедноста на оружјето на снимање, а многу држави ѝ оставаат на индустријата да креира и да почитува сопствени правила.
Професорот Ден Леонард од Универзитетот Чепмен во Калифорнија, кој специјлаизираше за прописи на снимање, изјави за „Би-би-си“ дека „воглавно ѝ е препуштено на индустријата да развие и да користи смерници… и ваквите смерници, доколку се почитваат, овозможуваат безбедно користење на огнено оружје на снимање.“
Но, дури и тогаш, не постои еден дефинитивен сет на процедури и протоколи.
Инцидентите како оној на снимањето на Rust се многу ретки, но се зголемија повиците за забрана на живо огнено оружје на филмски сетови, со петиција која собра повеќе од 23.000 потписи до понеделник. Актерката Оливија Вајлд беше меѓу оние кои дадоа поддршка.
Сенаторот од Калифорнија, Дејв Кортезе, во саботата изјави дека ќе поднесе предлог-закон за забрана на боева муниција на филмските сетови во државата.
Трагедијата од минатата недела предизвика лавина твитови и полемика на социјалните мрежи.
„Веќе нема причина да има пиштоли наполнети со ќор-фишеци или било што во текот на снимање. Треба да биде целосно забрането“, напиша на Твитер Крег Зобел, актер и режисер (Westworld и Mare of Easttown).