Зоран Спасов: BtoBet е заинтересирана за нови и возбудливи пазари за спортско обложување

ИТ компанијата BtoBet е еден од лидерите, а воедно и пионер во iGaming индустријата и во светски рамки. Извршниот директор, Зоран Спасов, во интервју за ИТ.мк открива дека BtoBet бележи експоненцијален раст особено во последната година, меѓу другото, и поради тоа што фокусот на нивното софтверско решение е целосно насочено кон играчот со цел врвно корисничко искуство, но и како резултат на партнерството со водечкиот глобален провајдер во iGaming индустријата Aspire Global, што на партнерите им дава на располагање значајни иновативни решенија кои произлегуваат од зголемениот инвестициски капацитет.

Сепак, факт е дека iGaming индустријата е висококонкурентна, меѓутоа Спасов вели дека уште од кога е оформена компанијата, нивниот раст се базира на неколку клучни столбови, а првично на развој на врвна технологија како за оние кои се обложуваат, така и за операторите во iGaming индустријата, преку што компанијата се погрижила нивните софтверски решенија и платформи за спортско обложување да бидат прилагодливи за различни пазари, но и фокусот да биде насочен целосно кон играчот.

„Овој пристап ни овозможи да го зацврстиме своето присуство на пазарите во пораст во Латинска Америка и Африка, како и на веќе развиените пазари како тој во Европа. Брзиот развој на компанијата го привлече вниманието на Aspire Global, што ни овозможи да станеме составен дел од оваа групација“, вели тој во интервјуто и додава дека меѓу партнерствата склучени во овој период се и оние со глобалните моќни оператори како William Hill и Betfair.

Успехот на компанијата е евидентен уште од нејзиното основање, меѓутоа во 2020 година BtoBet станува дел од реномираната глобална групација Aspire Global, за која аквизиција Спасов вели дека им носи значителна предност на пазарот со оглед на тоа што групацијата сега нуди холистичко iGaming решение на пазарите на кои BtoBet е присутен и каде досега недостигаше софтверско решение за спортско обложување. „Покрај видливиот потенцијал за генерирање значителен развој, групацијата на големите клиенти им дава можност да влезат на нови пазари преку употреба на доста напредно и комплетно решение со кое за многу кратко време ќе се издигнат на пазарот“, додава тој.

Во контекст на стратегијата за понатамошно делување и идните планови за развој, Спасов вели дека го зацврстуваат своето присуство на пазарите кои се примарна патека за развој, како што се тие во Африка и Латинска Америка, но не исклучува ниту проширување на присуството на други пазари.

„Од друга страна, го прошируваме своето присуство и на други пазари, како што е веќе развиениот iGaming пазар во Европа. И со задоволство би кажал дека ги исполнуваме целите кои сме си ги поставиле и на двата фронта“, заклучува тој.

Она што е интересно и што вреди да се спомене е и тоа дека iGaming индустријата континуирано еволуира, па во тој контекст директорот на BtoBet појаснува и дека постојано ги следат новите можности кои се јавуваат на ново-регулираните пазари, како што би бил Бразил откако ќе биде целосно регулиран и отворен за бизнис.

На крајот, технолошкиот развој неспорно е дека е континуиран процес, па постојаното истражување на нови и иновативни решенија кои може да се понудат на партнерите е логична последица. А, сè ова, заклучува Спасов, е со цел да обезбедат стимулирачко искуство за нивните играчи, особено откако фокусот BtoBet го става на играчот, со што софтверското решение на компанијата се разликува од останатите провајдери на пазарот.

 

Треба да знаете
Последни објави