Сениорската женска фудбалска репрезентација на Македонија денеска во Охрид неочекувано загуби во квалификациски мундијалски натпревар од Луксембург (2:3). Ова е трет пораз во групата, а доаѓа само пет дена откако во Летонија, македонските фудбалерките ја запишаа првата победа во групата.
Иако таа победа ја осоколи Македонија дека може да врзе два триумфа, па да стигне и до третото место во групата, веднаш зад недопирливите Англија и Австрија, фудбалерките денеска разочарувачки загубија од селекцијата која по три меча немаше дадено гол во овие квалификации. Гостинките пред ова гостување имаа пораз од Англија со 0-10, од Австрија со 0-5 и од С. Ирска со 0-4. Македонија претходно загуби со 0-8 од Англија и 0-6 од Австрија, а ја победи Летонија со 4-1.
Луксембург на мегдан со Македонија пристигна без освоен бод и со 19 примени гола, без ниту еден даде гол и се разбуди токму на гостувањето во Охрид. Нашата најдобра фудбалерка, Наташа Андонова го одигра само првото полувреме, поради повреда не се појави на тереното во вториот дел.
Луксембург поведе со гол на Маркез Абре уште во осмата минута од мечот, потоа Македонија ја презема иницијативата и со убав гол на Рочи во 21. минута од слободен удар, израмни на 1-1.
Во 62. и 67. минута Тил двапати погоди за водство на Луксембург од 3-1. Македонија со убав гол од слободен удар на Павлина Николовска успеа да намали на 2-3 во 90. минута. По четири одиграни нартпревари во квалификациите Македонија има три порази и една победа со гол разлика 6-18.