Извор од екипата од снимањето на филмот „Рѓа“ (Rust), за време на кое актерот Алек Болдвин ненамерно ја застрела камерманката Халина Хачинс, открива дека пред снимањето се пукало од пиштол со вистински куршуми.
Според Си-ен-ен, истрели биле испукани и од пиштолот кој подоцна му бил предаден на Болдвин. Тимот пукал во празни лименки пиво, што во САД е популарно наречено „plinking“.
Нови детали од филмскиот сет за Си-ен-ен открила Шерон Воксман, основачка на шоубиз-порталот The Wrap, повикувајќи се на нејзин доверлив извор од сетот.
Таа објаснила дека тимот на филмските сетови на тој начин често вежбал пукање, користејќи вистински куршуми. Нејзиниот портал дознал дека тие го правеле истото на денот кога Хачинс беше застрелана во градите, а ранет беше и режисерот Џоел Соуза.
Си-ен-ен се огради од наводите на тој портал бидејќи не можел да ги потврди, а продуцентите на филмот го повториле она што веќе го кажаа – дека безбедноста на актерите и тимот зад камерите е приоритет. Тие истакнаа дека соработуваат со полицијата и дека не знаат за поплаките во врска со безбедноста на оружјето и реквизитите на снимањето односно дека ќе ги испитаат нивните безбедносни процедури, додека снимањето е прекинато.
По трагедијата, американските медиуми објавија дека неколку дена претходно на сетот случајно било пукано од пиштол и тоа неколку пати, но дека нема повредени и дека не е јасно дали во тие ситуаации имало вистински куршуми во пиштолите.
Наводно, неколку членови на тимот го напуштиле сетот поради грижа за сопствената безбедност.
Соуза откри дека Болдвин вежбал извлекување на пиштолот и дека го вперил оружјето во камерата по што испукал истрел од кој загина камерманката на сетот, самиот тој беше ранет. Режисерот додава дека слушнал звук како „свиреж“ и силен „бум“ додека стоел зад застреланата Хачинс, се вели во извештајот на прелиминарната истрага.
Во истиот документ се наведува дека Хачинс била погодена во градите, а неколку часа подоцна била прогласена за мртва. Снимателот Рид Расел изјави дека инцидентот не бил снимен бидејќи екипата само се подготвувала за снимање.