Цените на нафтата денеска на меѓународниоте пазари се под 86 долари притиснати од неочекувано силниот раст на залихите во САД и нерамномерното опоравување од падмијата на Ковид-19, што сега шират сомнежи дека сегашните цени се неодржливи.
На Лондонската берза цената на барел беше за 88 центи пониска – 85,52 долара додека на американските пазари се тргуваше за цена пониска за 95 центи – 83,70 долари. Цените пораснаа во последните денови поради зголемената побарувачка генерирана од транзицијата на производителите на електрична енергија по поскапувањето на јагленот и гасот кон поевтин мазут и дизел.
Водечките производители, пак, инсистираат на скромно зголемување на понудата во ноември, за само 400.000 барели дневно.
Трговците денеска се фокусираа на извештајот на Американскиот институт за нафта, според кој залихите на сурова нафта во САД минатата недела пораснале за 2,3 милиони барели, тврдат пазарни извори. Аналитичарите очекуваа поскромен раст. Пораснаа и залихите на бензин, за 500.000 барели, а залихите на деривати, за милион барели, пркосејќи на очекувањата на аналитичарите кои го најавија нивниот пад.