Македонскиот полициски синдикат ги повика членовите да не се ставаат во функција на политички партии

Македонскиот полициски синдикат преку соопштение ги повика своите членови да не се ставаат во функција на политичките партии.

„Како единствен репрезентативен синдикат кој се грижи за своето членство сакаме да Ви укажеме доследно да ги извршувате своите работи и работни задачи согласно законската регулатива на Република Северна Македонија која што го уредува спроведувањето на изборниот процес. Да не се ставате во функција на политичките партии заради вршење изборни нерегуларности, да не го нарушувате угледот на институцијата во која работите и да се воздржите од какви било провокации на активисти на политичките партии.

Само со професионален пристап и професионално работење за време на локалните избори 2021 година ќе се подобри интегритетот на вработените во безбедносните служби и ќе се зајакне довербата на граѓаните која тие ја имаат како за вработените во Министерството за внатрешни работи така и за вработените во Агенцијата за Разузнавање, Агенцијата за Национална безбедност и Управата за Финасиска полиција. Само така граѓаните ќе прифатат дека нашите активности на теренот се во нивни интерес, во интерес на безбедноста и стабилноста на нашата земја.

Безбедносните служби мораат да бидат надвор од партиските влијанија,затоа што само деполитизирани безбедносни служби можат да гарантираат безбедност , правна држава и непристрасно спроведување на законите за сите.

Истовремено ги повикуваме политичките партии и нивните локални преставници да не ги заплашуваат нашите членови и воопшто сите вработени во безбедносните служби со „нарачани мизерни соопштенија презентирани од презентери со растреперн глас и растреперни раце“ бидејќи времето на закани и уцени е едно минато време и никој повеќе неможе да ги заплашува преставниците на синдикатот и безбедносните служби.

На крајот ги охрабруваме сите наши членови да ги пријават сите вербални притисоци врз нив, и да не потклекуваат на било какви притисоци од било кого во делот на нивната приватна политичка определба“, се наведува во соопштението.

Тие велат дека како Македонски полициски синдикат ќе ги штитат своите членови со сите средства што им стојат на располагање.

Треба да знаете
Последни објави