– Австралија ќе ја укине забраната за патување во странство без дозвола, соопшти денеска владата, а до крајот на годината треба да бидат отворени и границите на земјата за квалификувани работници и странски студенти.
Повеќе од 18 месеци по затворањето на меѓународните граници на Австралија, во иднина целосно вакцинираните граѓани нема да мора да бараат одобрение за напуштање на земјата, се наведува во заедничкото соопштение на министерствата за здравство и за внатрешни работи.
Ова е соопштено во време кога стапката на ревакцинирани возрасни лица во земјата се доближува до целта од 80 проценти.
Министерката за внатрешни работи Карен Ендрјус изјави дека приоритет сега им се дава на австралиските државјани, додека другите ограничувања за патување, вклучувајќи ги и оние кои не се државјани на Австралија, ќе се олеснуваат попатно, со зголемувањето на стапката на вакцинација.
-Пред крајот на годината, очекуваме да примиме квалификувани работници и странски студенти кои се целосно вакцинирани, изјави Ендрјус.
Премиерот Скот Морисон, кој ги најави овие промени на почетокот на месецот, кажа дека Австралија е „многу блиску” до објавување дека ги отвора реципрочните патувања со Сингапур, земјата која во вторникот соопшти дека Австралијанците веќе нема да мора да одат во карантин по пристигнувањето во оваа град-држава.
Како одговор на коронавирусот Австралија на 20 март минатата година воведе гранични ограничувања, што беа оценети како едни од најстрогите во светот. Во текот на 600 дена, бројни меѓународни летови беа приземјени, а патувањата во странство беа целосно намалени.