Масовно труење од водоводната мрежа во албанскиот град Круја, 500 граѓани побарале лекарска помош

Состојбата со масовното труење од водата за пиење во Круја останува загрижувачка, а до денеска наутро лекарска помош во градската болница побарале 500 лица од сите возрасни категории, пренесува Ора њуз.

Лекарите за телевизијата изјавиле дека граѓаните на кои им била укажана прва помош се вратиле во своите домови.

Истиот извор наведува дека новиот водовод во Круја чинел 376 милиони леки, а бил пуштен во употреба од страна на премиерот Еди Рама во март годинава, само еден месец пред изборите.

Во врска со овој настан синоќа со соопштение реагираше „Водовод Круја“ во кое се наведува дека како последица на обилните врнежи од дожд во саботата попладне (23 октомври) и во раните утрински часови во неделата дошло до контаминација на водата за пиење каде што има присуство на амонијак над претходно констатираното ниво.

Според медиумите зголеменото присуство на амонијак е последица на влевање на отпадни води од канализациската во водоводната мрежа.

Обвинтелството на Круја денеска соопшти дека заедно со полицијата почната е истрага во врска со овој случај.

Треба да знаете
Последни објави