Пентагон: ИСИС од Авганистан може да ja нападне Америка следната година

Американската разузнавачка служба проценува дека „Исламска држава“ во Авганистан (ИСИС-К) ќе има капацитет да ги нападне САД за само шест месеци – и има намера да го стори тоа, изјави висок претставник на Пентагон во Конгресот, пренесува Гардијан.

„Разузнавачката служба во моментов проценува дека и ИСИС-К и Ал Каеда планираат надворешни операции, вклучително и против Соединетите Америкнски Држави, но ниту една од нив нема можност да го стори тоа. Можеме да заклучиме дека ИСИС-К ќе ги поседува тие капацитети некаде помеѓу шест и 12 месеци“, рече Колин Кал, потсекретар на американското Министерство за одбрана.

Авганистан би можел да продолжи да претставува сериозна загриженост за националната безбедност на САД по повлекувањето на нивните војници во август по дводецениски ангажман, оценуваат познавачите на состојбите.

Тој проценува дека „Исламска држава“ има неколку илјади борци.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека неговата земја внимателно ќе ги следи заканите од Авганистан со спроведување операции за собирање разузнавачки информации со цел да се идентификуваат заканите од групи како Ал Каеда и „Исламска држава“.

Кал рече дека целта е да се попречат тие групи за да не можат да ги нападнат САД.

„Мораме да бидеме внимателни за да можеме да ги попречиме во тој план“, рече тој.

Меѓутоа, американските власти приватно предупредуваат дека идентификувањето и разбивањето на групи како Ал Каеда и Исламската држава е исклучително тешко без никакви војници во Авганистан.

Треба да знаете
Последни објави