Во државата се случува едно граѓанско обединување и тоа можевме да го заклучиме по резултатите од првиот изборен круг за членови на советите на општините. Тој тренд мора да го почитуваме и да работиме сите заедно и обединети за граѓаните да го добијат најдоброто за себе и својата општина, рече кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ, Христо Кондовски во вечерашната емисија на Телевизија Тера. Во врска со иницијативата за чистење на ски стазата Копанки од страна на граѓанското движење Поинаку на која Кондовски зеде учество, тој подвлече дека и во минатото и во иднина ќе ги почитува иницијативите на Поинаку бидејќи се во интерес на граѓаните.
„Во минатиот период и сега, многу ги ценам иницијативите на граѓанската иницијатива „Поинаку“ и сметам дека тоа беше една подадена рака за сите да дадеме сигнал дека е потребно обединување. А, ние ги слушаме граѓаните, како идни функционери, извршни функционери во општината. Граѓаните го избраа Советот на Општина Битола, ја избраа структурата, сами, без никакво мешање, врз основа на една јавна понуда, тие штиклираа што сакаат, што не сакаат и која ќе биде структурата на идниот Совет и јас го поздравувам тоа. Ја ценам, затоа што кажаа јасен став, газдите на Битола, тоа се граѓаните. „Поинаку“ е дел од Советот со 3 советници и срдечно ги поздравувам нивните проекти и подавам рака за соработка, ги поддржувам нивните проекти. Јас ја разгледував нивната програма, нивната програма е вин-вин ситуација за иднината на Битола и ја прифаќам таа програма, а ова беше само еден сигнал дека нивната програма треба да се спроведува и нивната програма е за обединување и јас со тоа немам проблем”, рече Кондовски.
Кондовски додаде дека новата генерација политичари од која и тој самиот е дел има впечаток дека се случува силно граѓанско обединување.
„Верувајте, и во политичките партии кои се прогресивни, доаѓаат нови лица, и јас сум еден од нив, кои сакаат граѓански иницијативи, кои политиката не ја гледаат како партија, туку како сервис на граѓаните. Во друг дел се случува концепт на граѓански иницијативи, на политички партии кои се во центарот, кои се помали политички партии, а добија поддршка од граѓаните и тоа обединување се случува во Македонија, тоа е за поздрав. И треба да го поддржиме, да соработуваме, она што го кажале граѓаните да го искористиме за уште повеќе да го мултиплицираме. Сето тоа ќе донесе добробит во интерес на граѓаните”, рече Кондовски.
Во емисијата која требаше да биде дебатна не се појави противкандидатот на Кондовски од ВМРО – ДПМНЕ, Тони Коњановски. И покрај тоа што и двајцата беа уредно поканети пред неколку дена, наместо Коњановски лично да се соочи пред своите сограѓани со Кондовски, не се појави на закажаната дебата.