Холанѓанецот Роналд Кумен повеќе не е тренер на Барселона. Ова го објави каталонскиот клуб на својата официјална веб-страница ноќта меѓу 27 и 28 октомври.
Отказот следи по поразот на Барса во дуелот со Рајо Ваљекано, чиј херој беше македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски. Тој при водство на Рајо со 1:0 во 72.минута му го одбрани пеналот на Мемфис Депај па резултатот не се промени до крајот на мечот.
– Претседателот на клубот, Жоан Лапорта, ја соопшти одлуката по поразот од Рајо Ваљекано. Роналд Куман ќе се збогува со тимот во четврток. Барселона сака да му се заблагодари на тренерот за неговата работа и да му посака се најдобро во професионалната кариера, стои во соопштението за медиумите.
Куман ја презеде тренерската функција во Барселона во август 2020 година. Под негово водство тимот одигра 67 натпревари на кои се извојувани 40 победи.
Во тековната сезона, Барселона има само пет победи од 13 натпревари во сите натпреварувања.