Барселона загуби на гостувањето во шпанската престолнина кај Рајо Валјекано со резултат 1:0, натпревар кој на крајот се покажа како последен за Роналд Куман како тренер на каталонскиот гигант.
Претседателот Жоан Лапорта му врачил отказ на Куман за време на авионскиот лет од Мадрид кон Барселона, а при пристигнувањето во Каталонија, најавата на медиумите ја потврди и клубот со официјално соопштение.
Холанѓанецот оддамна ја загуби довербата на Лапорта и веќе извесно време беше пред заминување од „Камп Ноу“, а единствената причина поради која беше задржан беа финансиите кои и во новата сезона остануваат главен проблем на европскиот великан.Но, откако ситуацијата стана неиздржлива Лапорта се одлучи за потег кој ќе го остави клубот без 12 милиони евра, но ќе најави и посветла иднина, пренесуваат шпанските медиуми.
На овој начин, се стави крај на 14-месечната авантура која ја имаше Роналд на „Камп Ноу“ и која сигурно нема да се памети по многу добри работи, а сега како главен фаворит за негов наследник се издвојува Чави Ернандез кој најверојатно е подготвен да преземе храбар и ризичен чекор во кариерата.