Kонтроверзна рекламна агенција од Унгарија отвори свои претставништва во Северна Македонија и Србија непосредно пред најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека Данела Арсовска, која е и почесен унгарски конзул во земјава, ќе се кандидира за челната позиција во главниот град, објави „Слободен печат“.
Според пишувањата, на 26ти Август, само еден ден откако Данела Арсовска ја објавува својата кандидатура за градоначалник на Скопје, во Централниот регистар на Северна Македонија е регистрирана нова компанија за огласување преку медиуми, „Атмедиа адвертајзинг сејлс хаус ДООЕЛ“. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на 29ти Август ја подржува Арсовска во трката за градоначалник на Скопје
Новоoснованата фирма е во сопственост на рекламната агенција „Атмедиа“ од Унгарија која е добро позната на тамошниот медиумски пазар, бидејќи зад неа индиректно стојат поранешни советници и блиски пријатели на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
А можеби е индикативен и фактот што веќе во септември претседателот и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и Николски беа на работна средба со Орбан во Будимпешта и се пофалија дека добиле поддршка за локалните избори во Македонија.
Во документите од Централниот регистар во Македонија, „Атмедиа адвертајзинг сејлс хаус ДООЕЛ“ сѐ уште е регистрирана на адресата на „Адвокатското друштво Поленак“. Новоотворената веб-страна за македонскиот пазар не е активна.