Во нејзиното гостување на „Само интервју“, кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, беше прашана и дали ја менаџирала спортската сала „Расадник“, нагласуваат од градската организација на СДСМ од каде велат и дека таа ја признала нејзината инволвираност.
Во реакцијата на СДСМ, интегрално се пренесува содржината на интервјуто:
„Новинар: „…имате ли вие некаква врска, или вашето семејство, со таа сала, ја имавте под концесија, дали вие ја менаџиравте?“
Арсовска: „Јас за таа работа веќе поднесов тужба, затоа што ако можевте да приметите, во тие документи што ги истакнаа јавно, моето име никаде не стоеше освен на…“
Новинар: „Има некоја Империјал фирма што се спомнува…“
Арсовска: „Ете така… Мора да ви кажам, јас во овие 20 години сум била менаџер во многу претпријатија и секаде до моментот додека сум била менаџер тие биле успешни претпријатија…“
Новинар: „Е оваа сала дел од вашето портфолио?“
Арсовска: „Да била пред 20 години, меѓутоа тие сите документи кои што се извадени и лагите кои што се искажани за да се направи целата оваа конструкција, за жал се невистина…
Новинар: Имаше таму дека сте оставиле долг…
Арсовска: Апсолутно е невистина, јас за истото си поднесов веќе тужба официјално и очекувам да си се разјасни…
Новинар: Ама сега не знам колку вие имате удел во тоа, инаку салата се распаѓа, тоа се гледа дека не е добро менаџирано…
Арсовска: Јас удел во тоа немам, ама ќе се докаже во следните денови кој лошо ја менаџира…“, стои во делот oд интервјуто кој до јавноста го проследи градската организациија на СДСМ.
СДСМ-Скопје на денешната прес-конференција укажа дека Арсовска од нејзината биографија што ја споделила на својата веб-страница се обидува да скрие повеќе работи:
„Арсовска се обиде да скрие дека била катастрофален менаџер на скопската сала Расадник, изградена со самопридонес на скопјани, а ја зела под закуп на 25 години за само илјада евра месечно кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Арсовска се обиде да ги скрие семејните фирми со седиште на сала Расадник, кои профитирале, додека салата тонела во долгови, се крадела струја во неа, и се упропастувала како спортски објект. Арсовска се обиде да го скрие од јавноста и нејзиното моминско презиме Јовановска, за да не се открие нејзиниот непотизам и поврзаноста на нејзините семејни фирми од сала Расадник со хотелите „Империјал“ и „Ројал““, се наведува во реакцијата.