Судијата Илија Трпков му дозволи на Герман Ванчев, советник за политички прашања, безбедност и миграција во Бугарската амбасада во Скопје, да го посети во притвор бизнисменот Јордан Камчев на 5 ноември.
Бугарската амбасада претходно испратила барање за посета до Министерството за правда. Министерот Бојан Маричиќ дозволил, но побарал дозвола и од судијата Илија Трпков. Бугарската амбасада со вербална нота до Маричиќ побарала Ванчев на 5 ноември да го посети во притвор „граѓанинот на Република Бугарија Јордан Камчев“.
Пред почетокот на денешното рочиште за случајот „Плацеви на Водно“, судијата го извести Камчев дека дозволува посета, исто како и за поранешниот еврокомесар, Словакот Јан Фигел, иако, како што рече, добил само копија од дипломатскиот пасош.