Скопје заслужува објекти кои ќе го вратат на вистинската патека. Скопје и скопјани заслужуваат вистински објекти со кои ќе се гордеат, во кои вистински ќе уживаат и за кои ќе раскажуваат на идните поколенија со истиот восхит како кога биле тогаш направени. Затоа Скопје ќе го има првиот градски јавен аквариум со капацитет и квалитет кој ќе биде рамо до рамо со европските аквариуми“, најавува градоначалникот Шилегов.
Град Скопје ќе го има првиот аквариум од градовите на поранешна Југославија. Со што овој објект ќе има и регионално влијание, односно планот е да стане една од „must see“ дестинациите при посетата во Скопје, како на наши граѓани од периферијата, така и гости од регионот, Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Грција. На овој начин самата инвестиција ќе се врати мошне брзо, а самата институција ќе егзистира и вработува нови млади научници и љубители на акваристиката и подводниот свет.
„Идејата за локацијата првенствено беше таква да се искористи постоечки објекти со што ќе се заштедат средства и ќе се оптимизираат истите за да се инвестира повеќе во содржина на аквариумот. Овој објект со децении немаше никаква намена, но од друга страна е идеален за потребите на скопскиот аквариум. Стратешки објектот е лоциран до Природно научниот музеј на Град Скопје и е во самото двориште на Скопје ЗОО“, вели Шилегов.
Аквариумот има можност за независен влез и излез во зоолошката градина, со што се овозможува практичен проток на посетители. Објектот е изграден во склоп на двата споменати објекти и практично има и историско значење поради самиот комплекс на предната фасада од овој зоолошки центар, така да и природно припаѓа на целата содржина, Зоолошка, природонаучен музеј и аквариум.
„Концептот на аквариумот е таков да првенствено ќе ја задржиме целосната градба и архитектура на зградата, практично без никакви архитектонски шминки и вешто ќе ги искористиме самите капацитети кои објектот ги нуди. Долниот подрумски дел, кој е голем практично како целата зграда која ја гледаме однадвор, во еден дел ќе бидат сместени филтерските станици за прочистување, а во останатиот дел ќе биде карантин со аквариуми, во кој планираме да обезбедиме капацитети за чување на жив подводен свет, флора и фауна и еден мал дел кој ќе има истражувачки капацитет преку кој планираме да формираме тим на биолози и ихтиолози за презервација на одредени загрозени автохтони подводни видови“, објаснува Шилегов.
Изложбениот дел ќе се состои од две нивоа со галерија, каде првенствено ќе бидат искористени сите можности кој ги нуди просторот и во кој ќе бидат сместени повеќе аквариуми егзотични видови и кои ќе бидат распределени по одредени континентални области, Јужна Америка со Амазонија, тропска Африка, Азија и Австралија. Аквариумите ќе бидат поделени системски на аквариуми со слатка и аквариуми со солена вода. Планираме да адаптираме идеални услови за преку 300 видови на риби, мекотели, водоземци и сл.
„Веќе имаме обезбедено контакти од неколку врвни центри од Европа, за соработка и стручна како и материјална помош од Берлински аквариум, Виена, Истанбул и т.н. со што целта ни е да се приклучиме кон глобалната идеја за конзервација и заштита на животната средина и подводниот свет. Она што најмногу не мотивираше се најмладите и децата, за кои овој објект, Скопскиот аквариум треба да претставува една од главните атракции, слично како и Дино Паркот ќе биде место каде фасцинацијата и возбудата ќе бидат на прво место. Преку тематските аквариуми децата непосредно ќе се запознаат со поинаква димензија, со што сакаме што повеќе да научат за природата и начинот како функционира подводниот свет, кои се разликите помеѓу нашите видови и оние од тропските краишта, зошто е тоа така и на крај да им дадеме покрај добрата забава и еден поинаков курс и начин на размислување. Можност да се научи повеќе и да се приближи повеќе кон природата на најнепосреден можен начин. Секако во склоп на аквариумот се предвидуваат и многу останати активности, како работилници за ученици, престој и организирање на разни детски групи, активности и соработка со разни едукативни центри од целата земја, комерцијални организирани посети од Скопје и другите градови од републиката“, вели Шилегов.