Алек Теранова ми кажа дека е пратен од Груевски кога дојде за основање фирма, сведочеше адвокат во „Плацови на Водно“

Серјожа Марков, сведок во „Плацови на Водно“, негира дека Александар Ивановски-Теранова потпишувал документи во адвокатската канцеларија „Марков-Чукиќ“. Тој спротивно на сведочењето од Ивановски рече дека тој немал оставено бланко-потписи.

Според Марков, ниту нотар би дозволил да се прифатат бланко-потписи, без странката да биде запознаена со документот што го заверува.

-Алек Теранова ми приложи полномоштво со сите потребни документи за основање домашно друштво со странски капитал. Јас имам адвокатско друштво со повеќе адвокати специјализирани за одредени области. Од моментот кога дојде Алек кај мене во канцеларијата, а инсистираше да биде лично со мене, со тврдење дека не е за на телефон, ми образложи каква правна помош му е потребна, повикав адвокат што работи во областа на статусното право. Тој кога дојде кај мене, забележав ароганција, а пред да ми каже за што се работи рече дека е пратен од премиерот Никола Груевски и дека тоа го работи за него, рече Марков.

Марков во својство на сведок рече дека Александар Ивановски-Теранова се повикувал на авторитети, односно дека се завршуваат работи за Никола Груевски, тогашен премиер.

-Ми најави дека директор ќе биде Ристо Новачевски, кум на Никола Груевски. Не го познавав лично Новачевски, но ми најави дека ќе дојде во следните денови. Присутна беше адвокатката Менка, ѝ кажав со нејзе да ја видат коресподенцијата. Нејзе ѝ реков директно да го известува Алек Ивановски на писмено. Во наредните денови дојде Ристо Новачевски, јас излегов, се запознав, средбата не траеше повеќе од три минути. При првата средба со Алек Ивановски, имајќи предвид авторитетот, му реков дека услугата ќе биде бесплатна. Но, го замолив да ги плати трошоците, кои, како што се сеќавам, беа за превод, како и нотарските трошоци за заверка. Нотарските не можам да се сетам, мислам ги платија директно кај нотарот, а за преводи, бидејќи не беа платени, а јас добив поплаки, дадов налог да се платат од мојата канцеларија, рече сведокот.

По ова, Мијалков му поставуваше прашња на сведокот Сержоја Марков.

-Дали можам да заклучам дека сведокот на првата средба не потпиша ништо?“, праша Мијалков, а Серјожа рече: „На првата средба немаше предавање документи. Во целата постапка нема никакво потпишување во нашата канцеларија. Целата документација се заведува преку нотар. Немало што да се потпише, тој дојде без документ. За оваа работа кај мене не се јави никој друг, освен Алек и Ристо.

Претходно, по тврдењето дека не потпишал никаква одлука поврзана со фирмата „Сирах инженеринг“ и „Сирах лимитед“, освен полномоштвото, адвокатот Сашко Дуковски, бранител на Ристо Новачевски, му предочи на сведокот Александар Ивановски-Теранова и други документи на кои стои неговиот потпис. За нив, сведокот рече дека не ги знае, а дека потписот е негов, најверојатно, оставен на бланко-лист.

-Ќе се согласите дека сте запознаени со одредбите на ова полномоштво?, праша Сашко Дуковски, адвокат на Ристо Новачевски.

„Со овие одредби до крајот не сум бил запознаен. Ми беше кажано само дека овластувам некој да отвори компанија ќерка во Македонија“, изјави Ивановски-Теранова.

„Ќе се согласите дека потписот на крајот е вашиот, каде што се наведува дека сте полномошник на фирмата ‘Сирах лимитед’ од Белизе?”, рече Ивановски-Теранова, а тој одговори: „Да“.

„Во одредени ситуации кај адвокатите се оставаат бланко-потписи. Овие одлуки сега првпат ги гледам“, рече Ивановски-Теранова кога му беа предочени и други документи, освен полномошнтвото за кое тврдеше дека е единствено нешто што го има потпишано за фирмата „Сирах инженеринг“ и нејзино основање во Македонија.

„Како полномошник на ‘Сирах лимитид’ сте потпишале одлука за избор на управител?“, праша Дуковски, а сведокот одговори: „Ова е мој потпис, најверојатно, оставен бланко. Нема логика да поставам управител што не го познавам“.

Претходно сведочеше и Ивановски, кој рече дека имал преземено некои активности околу формирање на фирмата „Сирах инжинеринг“ во Македонија по барање на, како што рече, неговиот пријател Сашо Мијалков.

Ивановски рече дека управител на офшор компанијата „Сирах лимитед“ бил Ристо Новачевски, а кога обвинителката Лиле Стефанова го праша да објасни како дознал кој е управител, сведокот рече дека тоа му го кажал неговиот пријател Мијалков кога требало да купи плац од 11.000 метри квадратни на Водно, по цена од 1,5 милион евра.

– Јас немав лични интереси да проверувам дали тој плац е влезен во ДУП и во ГУП, но Мијалков ми рече да појдам во општината и да проверам. Откако проверив, видов дека на тој плац може да се гради во рамки на ДУП-от за Тасино Чешмиче, рече Ивановски.

Тој откри дека Мијалков му кажал дека плацот е за Груевски. Тоа се случило откако во 2015 СДСМ почна да ги објавува „бомбите“ и во тој контекст Мијалков наводно му рекол на Ивановски „Ете гледаш дека не те лажев дека плацот не е за мене“.

Сведокот рече дека немал лични контакти со Груевски околу купувањето на становите, но дека Груевски во неколку наврати му се јавил телефонски или со порака на Ивановски од унгарски број во 2018 година при што се интересирал за купување станови во Центар. Сакал да купи станови за неговата сопруга и за децата.

На 20 октомври 2020, пак, сведокот имал пропуштен повик од Груевски, а тоа било откако Ивановски веќе дал исказ во Обвинителството за организиран криминал за случајот „Плацеви на Водно“.

По Ивановски, пак, Мијалков го прашуваше дали има докази дека тој му се јавувал и барал да се основа фирма, како и да оди да провери дали парцелите се влезени во ДУП како градежно земјиште, на што бизнисменот му одговори дека нема докази.

Треба да знаете
Последни објави