Уште 64 лица починаа од инфекција со коронавирус во Србија вчера. Истиот ден шест деца биле приклучени на респиратор и се борат за живот. Меѓу нив има и три бебиња, информираат здравствените работници во таа земја.
Медиумите анализираат дека има се повеќе деца кои стојат во редици пред амбулантите за ковид. Некои од нив, според тамошните информации завршуваат на респиратор. Не се поштедени ниту бебињата. Според здравствените работници во една болница има две бебиња, заразени на петтиот или десеттиот ден од животот и дишат со помош на респиратор.
„Секогаш кога ќе не прашаат каква е состојбата со овие пациенти, ние велиме дека се витално загрозени бидејќи се на механичка вентилација и нивните бели дробови се навистина оштетени“, вели Снежана Рсовац, шеф на интензивна нега на Универзитетска клиника во Белград.
Во Институтот за мајка и дете, шестмесечно бебе и уште три деца на возраст од 7, 16 и 17 години се на респиратор.
„Повремено гледаме подобрување, а потоа состојбата се влошува. Се надеваме дека, како што велат луѓето, телото само ќе се бори со оваа болест, се разбира, со помош на лекови и сите процедури што ги преземаме. Сепак, постојано е еден чекор напред, еден чекор назад. Засега ситуацијата е се уште критична и доста сме загрижени за овие четири деца“, вели заменик директорот на Институтот за мајки и дете, професор Владислав Вукомановиќ.
Загрижувачки се и бројките на заразени деца. Според последните информации во Ниш само вчера ги имаше седумдесет.
„Тие се прилично очигледни од почетокот на учебната година. Овие проценти се приближно 20 до 25 проценти од училишните деца, студенти. Тоа го немавме во претходните бранови“, вели заменик директорот на Клиничкиот центар во Ниш, Радмило Јанковиќ.
Дали полните клиники за ковид ќе ги испразнат училишните клупи? Премиерката на Србија Ана Брнабиќ чека експертски препораки.
„Значи, ќе се донесе најдобрата можна одлука, најдобрата можна, најбезбедната за децата и најдобрата одлука за нивните семејства. Она што ми е исклучително важно и што мислам дека не треба да се менува, е децата од прво до четврто основно училиште да продолжат да одат на училиште“, рече Брнабиќ.