Конференција на ЦИВИЛ: Ако не се унапредуваат зелените вредности во целост, ќе останеме во истото поларизирано општество

Зелената иднина се повеќе се профилира како право на секој човек и граѓанин, меѓутоа автоматски и како одговорност на секој од нив. Само со еден сеопфатен зелен поглед може да се постигнат промените кои ги сакаме за да градиме зелено општество за сите. Ако не се прифатат, негуваат и унапредуваат зелените вредности во целост, како неделиви едни од други, ќе останеме во истото поларизирано општество кое нема да успее ниту на политички, ниту на економски, а најмалку на зелен план, беше заклучено на денешната конференција „Зелено општество за сите”.

На конференцијата што се одржа во организација на ЦИВИЛ, универзитетската професорка Мирјана Најчевска, нагласи дека за да ја изградимe зелената иднина ни треба „не каква било, туку држава шаховски мајстор”, која, како што рече, антиципира и која гради легислатива врз основа на таа антиципација и притоа се потпира на науките.

– Зелената иднина се повеќе се профилира како право на секој човек и граѓанин меѓутоа автоматски се профилира и како одговорност на секој човек и граѓанин. Тоа подразбира граѓанин кој знае, кој е информиран, кој е активен и соодветно се однесува. Независно од важноста на граѓанинот и од неговата улога како носител на правото, јас би сакала да кажам за субјектот кој го сметам за главен играч во градењето на зелената иднина и општество, а тоа е државата. И тоа не било каква држава. Нам ни треба држава во која е изградена развиена демократија и во која постои владеење на правото. Само држава што соработува со науката може да ги удри темелите на зелената иднина, рече Најчевска.

Претседателката на партијата ДОМ Маја Морачанин истакна дека само со еден сеопфатен зелен поглед може да се постигнат промените кои ги сакаме за да градиме зелено општество за сите.

– Бидејќи не можеме да зборуваме за социјална правда без солидарност, заштита на животната средина без владеење на правото и без борба против корупцијата, или за почитување на човековите права без антинационализам. Едноставно сите овие вредности се подеднакво важни и мора сеопфатно да се гледааат и само така може да се постигне она за кое ние се залагаме и за кое јас немам дилема дека единствена можна иднина на планентата е зелената идинина и дека ние повеќе како човештво немаме и друга алтернатива, рече Морачанин, додавајќи дека мора да започнеме со акција веднаш без да наоѓаме други оправдувања.

Таа смета дека политичарите се должни не само да го антиципираат, туку и да го спроведат на дело, бидејќи друга опција според неа нема.

– Се друго е продавање демагогија дека може поинаку. Потребно е да ги зајакнеме капацитетите во институциите. Мораме да ги вклучиме сите, целиот потенцијал во општеството кој го имаме. Ние веќе почнавме да ги живееме климатските промени. Политичарите секогаш се правдаат дека немаат доволно финансиски средства. Но, треба да направиме акции и планови да се спречат катастрофите. Треба да имаме социјално праведна транзиција, треба да се води сметка за ранливите категории и жените, вели Морачанин.

Претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала потенцираше дека проектот носи порака да се ослободат локалните политики од националистичките наративи и од големите „национални” теми и идеи.

– Зелените концепти во економијата станаа неопходност само како последица од перцепцијата дека светот е во еколошка криза, поради неконтролираната експлоатација на природните ресурси. Помалку се обрнува внимание на фактот дека до оваа состојба стигнавме поради глобалната култура на конзумеризам и силно изразена социјална политичка и културна поларизација насекаде во светот. Уште поважно е прашањето дали општеството се движи во зелен правец, за тоа мора да почекаме, се разбира во голем дел од развиените демократии кои се меѓу најбогатите држави во светот, зелените вредности се веќе прифатени и длабоко всадени, оцени Дерала.

Според него, не може да се развие циркуларната економија доколку не се развијат политиките и практиките на локалната и националната власт, а уште повеќе јавната свест и политичката култура кои одат во тој правец.

– Тоа неизбежно подразбира систем на вредности кои ги вклучува човековите права и слободи во целост, социјалната правда и мултикултурализмот. Ако не се прифатат, негуваат и унапредуваат зелените вредности во целост, како неделиви едни од други, ќе останеме во истото поларизирано општество, кое нема да успее ниту на политички, ниту на економски, а најмалку на зелен план, заклучи Дерала.

Националниот координатор за интеркултурализам Роберт Алаѓозовски се осврна на Стратегијата „Едно општество за сите”, посочувајќи дека е задоволен од нивото на имплементација.

– Стратегијата „Едно општество за сите” е во напредната фаза на реализација и тоа ние може да го потврдиме со бројки. Веднаш штом се официјализира или усвои овој извештај, тој ќе биде достапен и до јавноста, а ние планираме до крајот на оваа година да направиме јавна дебата и презентација за сработеното во оваа година ипол, рече Алаѓозовски.

Тој додаде дека нивната работа во овие година и половина била да се концетрираат на работата со институциите.

– Работата со институциите што подразбира подигање на свеста за вредностите кои Стратегијата ги промовира, а тоа е, нели, недискриминацијата, превенцијата од говор на омраза и стереотипизација, воведување на интеркултурен диалог, стандарди, почитување на правата на сите заедници, правата на различност, правата на посебност, правата на сите различни групи во општеството, никој да не остане заборавен, никој да не биде изоставен, значи, да биде вклучен, пред сé во самите институции, рече Алаѓозовски.

Треба да знаете
Последни објави