Филолошкиот факултет „Блаже Конески”-Скопје и Амбасадата на Србија во земјава потпишаа нов меморандум за соработка кој е продолжение на меморандумот потпишан пред седум години. Опфаќа широк опсег на активности, не само во образованието, туку и во промовирањето на културата и други области и е основа за идна продлабочена соработка и зацврстување на пријателството меѓу Северна Македонија и Србија.
Меморандумот денеска на Филолошкиот факултет го потпишаа деканката Анета Дучевска и амбасадорката на Србија, Невена Јовановиќ. Документот предвидува новини, пред сѐ за студиската група Српски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет, во насока на нови студиски програми и, евентуално, соработка за двојна диплома. За реализација на активностите и за двонасочна соработка ќе има поддршка и од универзитети во Србија, пред сѐ од Универзитетот во Нови Сад. Меморандумот овозможува и реципрочно отворање лекторати во двете земји – во Скопје и во Нови Сад или во Белград.
Амбасадорката Јовановиќ истакна дека со потпишувањето на Меморандумот продолжува, како што рече, долгогодишната успешна соработка и се прават нови чекори во унапредување на изучувањето на српскиот јазик на факултетот „Блаже Конески”.
-Посебно ме радува што се денеска со нас и студентите на студиската група Српски јазик и книжевност. Нашите две земји се поврзани со силни културно-историски врски. Република Србија посветува големо внимание на односите со Република Северна Македонија, како еден од најблиските соседи, и заинтересирани сме за нивно понатамошно унапредување во сите области. Се заблагодарувам на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, на чело со деканот Дучевска, за промовирањето на српскиот јазик и култура, како и за македонскиот јазик и култура, со цел натамошно зближување на нашите две земји. Се надевам дека таа соработка ќе ја продолжиме и во иднина, истакна амбасадорката Јовановиќ.
Според деканката Дучевска, новините се однесуваат особено за претстојното акредитирање нови студиски програми на групата Српски јазик и книжевност.
-Со овој меморандум ќе добиеме значителна поддршка и помош од два универзитета од Република Србија. Тоа е веќе заклучок на српската влада дека тие два универзитета се назначени за наша поддршка за реализација на акредитацијата на студиската програма. Меѓу другите работи би сакале да се посветиме и на реципрочно отворање лекторати, официјално, во Скопје и на универзитет во Нови Сад или во Белград, рече Дучевска.
Додаде дека соработката со српските универзитети ќе значи и мобилност на кадарот, а уште повеќе ќе биде значајна студентската мобилност зашто за секој студент што студира јазик е важно и да престојува на универзитет во земјата во која тој се зборува.
Проф. д-р Станислав Станковиќ, лектор по српски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” за медиумите изјави дека првите чекори во соработката се направени со првиот Меморандум потпишан во март 2015 година.
-Тогаш почна да се поткрева групата Српски јазик и книжевност, зашто во 2014 година дојде до осипување на наставно-научниот кадар и факултетот остана без наставници за српски јазик. Поранешната деканка, проф. Славица Велова, ме повика да помогнам. Јјас дојдов, прифатив, и, еве, седум години, заедно со нашата Амбасада, со сегашната деканка Дучевска и со шефовите на катедрите за македонски јазик и јужнословенски јазици водиме битка за српскиот јазик повторно да го заземе местото што му припаѓа на овој факултет и на овој универзитет, рече Станковиќ.