Целосната интеграција на сите земји од регионот на Западен Балкан во ЕУ е најрационалното и најлогичното сценарио, што ќе биде во функција на создавање на Унија која ќе егзистира обединета, просперитетна и во мир, истакна денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи во обраќањето на меѓународната научна конференција на тема „Балканот меѓу европската интеграција и регионалната соработка”.
Во обраќањето на конференцијата, организирана од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Османи се осврна на процесите на евроинтеграција и регионална соработка, оценувајќи ги како наша стратешка определба и избор за иднината.
– Западен Балкан или како што повеќе сакам да го именувам, Југоисточна Европа не е изолиран остров, туку се наоѓа во срцето на Европа. Сите наши врски, сите наши патишта се вкрстуваат со ЕУ. Процесот на евроинтеграција и процесот на регионална соработка се комплементарни и водат кон истата цел, членство во ЕУ на овој регион, истакна министерот Османи.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на настанот, покрај шефот на дипломатија, се обратија и многубројни претставници на академската фела од земјата и странство.