Подгответе го вашето возило за возење во есенски услови. Обврска на возачите е да се прилагодат на условите на патот и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, порачува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
– Есенскиот период се карактеризира со пад на температурите и повеќе опасности во сообраќајот кои возачите мораат да ги имаат предвид. Тмурното време, обилните врнежи, првите мразеви, накиснатите лисја кои паѓаат на коловозите, големите температурни разлики, како и зголеменото учество на земјоделска механизација која го забавува сообраќајот, се главните опасности по сообраќајот во есен, наведуваат од РСБСП.
Според статистичките податоци месеците октомври и ноември се најризични за возење. Токму затоа РСБСП ги предупредува возачите да внимаваат на четирите најголеми опасности со кои се соочуваат возачите на патиштата во есенскиот период.
– Основно правило за возење во сите годишни времиња, а особено во есен е: да се води сметка за моменталната видливост. Есенските услови сами по себе носат тмурно време со зголемена облачност во текот на целиот ден, магла во одредени региони и намален виден период на денот. Сето ова бара од возачите поголема внимателност при возењето и подготовка на возилата за овие временски прилики. За да се зголеми видливоста на возилото при вклучувањето во сообраќајот неопходна е навремена промена на бришачите на ветробранските стакла, употреба на средство за чистење на ветробраните и замена на неисправните сијалички, наведуваат од РСБСП.
Оттаму додаваат дека обилните врнежи ја зголемуваат опасноста од пролизгување на возилата на коловозот.
– Возењето со поголема брзина од пропишаната, излижаните гуми, локвите вода на коловозот и насобраните влажни лисја, можат да го оневозможат движењето на возилото во посакуваниот правец, односно да дојде до пролизгување. Во таков случај не смее да се притиска сопирачката, а особено квачилото, туку треба воланот да се држи цврсто сè додека гумите повторно не воспостават цврст контакт со подлогата (коловозот). Случаевите со пролизгување можат да се спречат со благовремена замена на летните со зимски гуми. Иако законската обврска за зимска опрема на возилата започнува на 15 ноември, РСБСП им препорачува на возачите тоа да го направат порано со што ќе ја зголемат својата, но и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, се вели во соопштението.
Есента како период на интензивни земјоделски активности, наведуваат, носи со себе и зголемена фреквенција на земјоделска механизација и работни машини на патиштата.
– Земјоделската механизација е бавно движечка и во овој дождовен период нанесува кал и земја по коловозите, кои ионака се влажни, со што се зголемува ризикот при одвивањето на сообраќајот по патиштата. Имајќи го предвид фактот дека голем број од земјоделската механизација и работни машини во државата не се адекватно осветлени и обележани, РСБСП апелира за исклучителна внимателност при возењето во овој период од годината, стои во соопштението.
Маглата, посочуваат од РСБСП, е едно од обележјата на овој период од годината, особено на доцната есен.
– Во случај на намалена видливост поради магла, најважните препораки за возачите се: да ја намалат брзината на движење и да држат безбедно растојание од другите возила. Најчеста грешка која ја прават возачите при возењето во услови на магла е користењето на долги наместо кратки светла. Имено, долгите светла во вакви случаи ги влошуваат условите и видливоста бидејќи светлината се одбива од маглата и ги заслепува возачите. Се препорачува употреба на светла (магленки), кои се исклучуваат веднаш по излегувањето од маглата, додаваат од РСБСП.