Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предупреди дека светот се движи кон климатска катастрофа, додавајќи дека лидерите на богатите земји од Г-20 мора да направат повеќе во многу области за да им помогнат на посиромашните земји.
Говорејќи пред самитот на лидерите на Г-20 што ќе се одржи викендов во Рим, Гутереш им рече на новинарите дека постои опасно ниво на недоверба меѓу големите сили. Тој изрази надеж дека претстојниот дводневен состанок ќе помогне да се надмине тоа. Гутереш конкретно ја повика Г20 да насочи повеќе пари за сиромашните нации, вклучително и преку простување долгови и да им помогне полесно да пристапат до вакцината против коронавирус. Тој е уверен дека економското закрепнување по пандемијата дополнително ги влошува нееднаквостите.
„Тоа е неморално“, истакна тој. Гутереш исто така, ја повика Г20 да ја исполни својата претходна заложба да насочува 100 милијарди долари годишно за да им помогне на земјите во развој да се справат со растечките проблеми поврзани со климатските промени.
Многу од лидерите кои доаѓаат на самитот на Г-20 во Рим, вклучително и американскиот претседател Џо Бајден, веднаш по Рим ќе отпатуваат во Шкотска на климатскиот самит на ОН COP26, кој се смета за клучен за борба против заканата од пораст на температурите.