Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска имаше работна средба со постојната координаторка на ООН земјава Росана Дуџак, на која присуствуваа и претставниците на дел од Агенциите на ОН. На работната средба од страна на министерката Шахпаска беа изложени проектите на кои Министерството работеше изминатиот период, постигнатите резултати, но и приоритетите за наредната година. Министерката Шахпаска го нагласи значењето на поддршката и соработката која што агенциите на ООН во континуитет ја даваат на нашата земја во унапредувањето на социјалната политика, но и во другите области кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика. „Поддршката којашто ја добиваме од Обединетите нации во подготовката и во спроведувањето на реформските процеси во областа на социјалната и детската заштита, како и во делот на работните односи за нас како Влада и Министерство за труд и социјална политика е од огромно значење. Одличната соработка на реализацијата на заедничките цели во градењето на еднакво општество за сите граѓани, со фокус на ранливите категории продолжува. Позитивните резултати од досегашната работа ни се потврда дека сме на вистинскиот пат “, истакна министерката Шахпаска.
Постојаната координаторка на ООН во земјава, Росана Дуџак, нагласи дека Министерството за труд и социјална политика е еден од главните партнери на специјализираните агенции на ООН. Таа изрази задоволство од досегашната соработка и ја оцени како навистина продуктивна иницијативата на министерката Шахпаска за одржувањето на ваков тип на работни состаноци во кои се вклучени агенциите на ООН.
Тоа, нагласи Дуџак, претставува и одлична можност преку директна комуникација да се изложат резултатите од заедничките проекти, но и плановите за идна соработка.
Министерката Шахпаска нагласи дека унапредувањето на правата и условите на лицата со попреченост, зајакнувањето на нивната вклученост во општеството, социјалните услуги на локално ниво, родовата еднаквост, институционалната борба против насилството врз жената и семејното насилство, поттикнување и поддршка на вработувањето на најтешко вработливите лица, зголемување на опфатот на децата во предучилишно воспитување и образование се областите на кои агенциите на Обединетите нации продолжуваат да ги поддржувааат политиките на Министерството за труд и социјална политика.
Министерката Шахпаска посочи дека координативните средби со Агенциите на ООН на квартално ниво стануваат редовна пракса.
Во наредниот период тимовите на Министерството за труд и социјална политика и на Агенциите на ООН ќе работат на дефинирање на конкретни проекти кои ќе значат унапредување на политиките во интерес на граѓаните.