Арсовска ќе ги сели Ромите од Топаана за да направи мега парк?

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска која е поддржана од страна на ВМРО-ДПМНЕ, помеѓу многубројните ветувања, кажа дека планира да направи и неколку мега-паркови низ скопските општини. Тргнувајќи од фактот дека Скопје е преурбанизиран град, многу новинари беа заинтересирани да ја прашаат г-ѓа Арсовска каде поточно планира да ги направи овие паркови. На еден од нејзините одговори она кажа дека паркот во Чаир планира да го направи во населбата Топаана. Населбата Топаана е препознатлива по тоа што најголемиот број на граѓани од ромско потекло живеат во тој дел од општината.

Според податоците од последниот попис на населението во 2002 година, во Општина Чаир има 17.107 домаќинства со 64.773 жители. Според пописот, бројката на Ромите во Општината изнесува 3.500, но според претставници од здружението на граѓани „Сумнал“, таа бројка е поголема.

Според нив, во Топаана има 750 куќи со 4.500-5.000 Роми. Од тука се поставува прашањето, кој е планот на г-ѓа Арсовска со овие жители? Дали нејзиниот план за правење на мега-парк во населбата Топаана значи дека ќе руши околу 750 куќи? Кој е понатамошниот план на г-ѓа Арсовска со овие жители и дали планира да им направи нови домови и каде ќе ги смести? Уште еден интересен факт кој г-ѓа Арсовска го спомна е дека на тој простор ќе направи прак голем колку Градски Парк. Дали г-ѓа Арсовска знае дека Топаана е скоро пет пати помало од Градски Парк и дали идеата нејзина е да направи парк на спратови за да ја постигне истата површина?

За жал, во недостаток на отворени прес-конференции и во недостаток на директни дуели помеѓу кандидатите за градоначалници овие одговори нема стигнеме да ги добиеме до недела, денот на изборите. Што ќе се случи со овие граѓани и овие куќи ако г-ѓа Арсовска го исполни своето ветување за мега-парк во Топаана, ни преостанува да видиме после изборите.

Треба да знаете
Последни објави