Највисокиот американски претставник во Тајван, Сандра Аудкирк рече дека Соединетите Американски Држави се посветени да му помогнат на Тајван да се одбрани.На својата прва прес-конференција по преземањето на функцијата во јули, Аудкирк истакна дека односите меѓу САД и Тајван се „силни”.
„САД имаат обврска да му помогнат на Тајван да ја обезбеди својата самоодбрана”, рече Аудкирк, која го води Американскиот институт во Тајван, кој всушност е амбасада на САД поради немање формални дипломатски врски.
Во последните неколку недели ескалираа тензиите меѓу Тајван и Кина, која не ја отфрли можноста за окупација на островот на кој владее демократијата.
Иако САД, како и повеќето земји, немаат формални односи со Тајван, тие се нивниот најважен меѓународен поддржувач и главен снабдувач со оружје.
Администрацијата на Џо Бајден ја потврди таа поддршка, со негативни реакции од Пекинг.
Според законот, Вашингтон е обврзан да му обезбеди одбрана на Тајван, но долго време спроведува политика на „стратешка двосмисленост” за тоа дали да интервенира воено за да го заштити Тајван во случај на кинески напад.
На прашањето дали САД ќе застанат во одбрана на Тајван доколку Кина изврши инвазија, Аудкирк рече дека политиката кон Тајван е јасна и останува непроменета, наведувајќи неколку американски закони кои ги регулираат односите со Тајван.
Неодамнешната ескалација на кинеските воени вежби во зоната за идентификација на противвоздушната одбрана на Тајван е дел од она што Тајпеј го смета како засилено воено вознемирување од страна на Пекинг.