Компанијата „Фејсбук“ го смени своето корпоративно име

Компанијата „Фејсбук“ најави ребрендирање со цел да ја нагласи својата визија за онлајн-свет наречен метаверзум, кој треба да биде столб на натамошниот раст на компанијата.

Новото име, „Мета“, подобро ќе го опфати сето она што таа го претставува, вклучително и амбициите да се прошири во други области надвор од социјалните мрежи, односно во виртуелната реалност.

Промената на името, која беше објавена на Facebook Connect конференцијата за проширена и виртуелна реалност, ги одразува растечките амбиции на компанијата надвор од социјалните медиуми.

Промената не се однесува на платформите Фејсбук, Инстаграм и Вотсап, туку само на компанијата која ги поседува.

Ребрендирањето, исто така, доаѓа откако компанијата изминатиот месец се соочи со низа новински извештаи, кои произлегуваат од интерни документи на свиркачот Френсис Хауген.

„Фејсбук“, сега познат како „Мета“, го усвои новиот назив, заснован на научно-фантастичниот термин метаверзум, за да ја опише својата визија за работење и играње во виртуелен свет.

„Денес нè гледаат како компанија за социјални медиуми, но според нашата ДНК ние сме компанија која гради технологија за поврзување на луѓето, а метаверзумот е следната граница исто како што беа социјалните мрежи кога започнавме“, рече извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг.

Тој предвиде дека една милијарда луѓе ќе бидат на „метаверзум“ во следната деценија.

Компанијата планира да развие метаверзум, во кој луѓето ќе можат да работат, да комуницираат меѓу себе и да играат игри во виртуелно опкружување, користејќи уреди за виртуелна реалност.

Компанијата, исто така, во објавувањето на новото име соопшти дека ќе го промени својот берзански тикер од FB во MVRS, ефективно од 1. декември.

Цената на акциите на „Мета“ се затвори во четвртокот.

Треба да знаете
Последни објави