„Граѓаните го препознаваат нашиот искрен одговорен однос како партија и како Влада, изминативе четири години реализиравме бројни проекти во интерес на граѓаните, се гради секаде низ државата, силно, од двете страни на Вардар, а над Вардар градиме мостови кои поврзуваат, нема повеќе злоупотреба на етничките односи заради дневна партиска политика”, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев во интервју за весникот „Политика”.
„Мејнстрим политиката од власта секојдневно повикува заеднички да работиме за децата да ни останат овде, да живеат овде и да работат и просперираат тука, во својата земја. Тоа значи да се обединиме и заедно да сработиме за повеќе работни места, за почиста животна средина, за квалитетни услуги за секој човек, за повеќе пари во секое семејство. За подобар живот. И гледам дека на овие избори конечно и тврдите националисти почнаа да зборуваат за едно општество. Колку и да е тоа неискрено и лажно од нивна страна, добро е што барем зборуваат за тоа”, посочи Заев.
Претседателот Заев порача дека во вториот круг граѓаните ќе го потврдат исправниот правец по кој се движи државата.
„Народот прати прецизна порака. Ни кажа дека сака подобар перформанс од нашата демократска власт, а не сака да се врати ВМРО-ДПМНЕ. Но, во вториот круг народот треба да потврди дека правецот по кој се движиме е исправниот правец, бидејќи доколку се случи демократите да останат дома, тогаш се враќаат националистите, дури и со помалку гласови споредено со нивните порази во други изборни години”, заклучи Заев.